Бугарскиот град Плевен се подготвува да се кандидира за Европска престолнина на културата за 2032 г.
Во бугарскиот град Плевен на 17 август ќе биде основано здружение чија цел е подготовка и реализација на кандидатурата на градот за Европска престолнина на културата во 2032 година, јавува БНР.
Основачкото собрание ќе се одржи од 17 часот во салата „Гена Димитрова“. Општинскиот совет на Плевен веќе даде согласност за формирање на здружението и избра свои претставници кои ќе учествуваат на собранието.
Заменик-директорот на Регионалниот историски музеј, д-р Димитар Петров, истакна дека иницијативата има цел да обедини широк круг претставници на локалната заедница.
„Зад оваа идеја не стојат само претставници на културните институции. На основачкото собрание поканивме претставници на бизнисот и на граѓанските организации, така што сакаме плевенската јавност да биде застапена што е можно пошироко, бидејќи ова е прашање од големо значење за нашиот град“, изјави Петров.
До 19 јануари 2027 година треба да бидат исполнети сите организациски барања за поднесување на потребната документација, исполнување на критериумите и вклучување на Плевен во постапката за номинација за Европска престолнина на културата 2032.
