Бугарскиот историчар доц. д-р Мартин Иванов објави книга за Народниот суд во Бугарија од 1944 до 1945 година
Бугарскиот историчар и професор на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ доц. д-р Мартин Иванов преку објава на социјалната мрежа Facebook ја информираше јавноста за својата нова книга „Народниот суд во Бугарија (1944–1945)“, во која го истражува начинот на функционирање на судот, како и профилот на обвинетите, осудените, судиите и обвинителите. Книгата е достапна бесплатно во електронска форма.
Како што наведува Иванов во објавата по повод излегувањето на книгата, истражувањето е резултат на повеќегодишна работа и не е насочено кон преиспитување на пресудите, ниту кон одбрана или обвинување на осудените и на нивните судии.
„ Истражувањето се обидува да ја крене завесата пред технологијата на неговото случување, насочувајќи го вниманието кон една од најтемните и најмалку познати страни на револуционерниот трибунал: кои се обвинетите, осудените, судиите и обвинителите“, наведува историчарот.
Според Иванов, врз основа на биографските и судските податоци собрани во рамките на истражувачкиот проект, казнената репресија била насочена кон најактивниот дел од бугарското општество.
Авторот оценува дека Народниот суд имал изразено партиски карактер и служел како инструмент за расчистување на политичкиот терен за Бугарската работничка партија (комунисти), како и за елиминирање на нејзините политички конкуренти.
Иванов во книгата го определува Народниот суд и како исклучително суров вонреден трибунал. Според неговите наводи, бројот на извршени смртни казни во Бугарија бил приближно еднаков или само малку помал од вкупниот број егзекуции по пресуди на народни судови во останатиот дел од Европа.
Книгата „Народниот суд во Бугарија (1944–1945)“ е објавена на интернет и е достапна за слободно читање.
Нејзини рецензенти се првиот човек на бугарскиот архив доц. д-р Михаил Груев и доц. д-р Живко Лефтеров, од Институтот за историски истражувања кон БАН.

