Бугарскиот претседател Румен Радев се сретна со претставници на КЦ „Иван Михајлов“ од Битола
Претседателот на Република Бугарија Румен Радев се сретна со претставници на Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола. На средбата основниот акцент бил поставен врз поактивната културна, духовна и образовна размена меѓу Република Бугарија и РС Македонија.
„Нашите сонародници во Република Северна Македонија очекуваат многу поактивна културна, духовна и образовна размена со Бугарија. На средба со претставници на Центарот за култура „Иван Михаилов“ од градот Битола разговаравме за изгледите за зачувување на нашето културно и историско наследство кај нашиот југозападен сосед. Во Република Северна Македонија расте интересот и за нашата заедничка историја и за објавување и дистрибуција на оригиналите на делата на браќата Миладинови, Димитар Талев и други фигури на Бугарската преродба.
Пред сè, Бугарија од својот југозападен сосед очекува одржливи и неповратни резултати во градењето добрососедски односи во име на нашата заедничка европска иднина. Овој процес бара не само заедничко работење за унапредување на економските, транспортните и духовните врски, туку и Република Северна Македонија да ги почитува правата на своите граѓани кои се самоидентификуваат како Бугари, да ги напушти идеологиите од тоталитарното минато во учебниците по историја, натписите во музеите и историските споменици, а делата на бугарските преродбеници од Македонија да бидат објавувани без измени и осакатувачки редактирања.
Убеден сум дека Бугарија и Република Северна Македонија можат да ги развиваат своите односи врз основа на отворен дијалог и да работат заедно за да ги решат отворените прашања во интерес на граѓаните на двете земји“, стои во обjaвата на претседателот Радев во социјалната мрежа Facebook.

