| |

Бугарскиот сноубордист Тервел Замфиров со бронза во Милано–Кортина, прв медал за Бугарија од Зимски олимписки игри по 20 години

Сноубордистот Тервел Замфиров освои бронзен медал во паралелниот велеслалом на Олимписки игри Милано–Кортина д’Ампецо, со што ѝ донесе на Бугарија прво одличје од Зимски олимписки игри по пауза од две децении, јавува БТА.

Во малиот финал, 20-годишниот Замфиров драматично победи по фотофиниш против 37-годишниот словенечки ветеран Тим Мастнак.

Ова е прв бугарски медал од Зимска олимпијада по 2006 година, кога Евгенија Раданова освои сребро на 500 метри во шорт-трекот во Торино.

Со овој успех, Тервел Замфиров се вбројува меѓу само петтемина бугарски спортисти со медали од Зимски олимписки игри. Екатерина Дафовска останува единствената олимписка шампионка на земјата, по златото на 15 километри биатлон во Нагано 1998.

Првиот зимски олимписки медал за Бугарија го освои Иван Лебанов со бронза на 30 километри скијачко трчање во 1980 година. Бронз има и Ирина Никулчина од биатлонската потера во Солт Лејк Сити 2002.

Раданова е најуспешната бугарска натпреварувачка по број на освоени одличја – вкупно три: сребро на 500 метри и бронза на 1500 метри во Солт Лејк Сити 2002, како и сребро во Торино 2006.

Со бронзата на Замфиров, Бугарија сега има вкупно седум медали од Зимски олимписки игри – еден златен, два сребрени и четири бронзени.



Слични Објави