Бугарските гласачи во странство можат да поднесуваат пријави до крајот на денешниот ден
Денес истекува рокот за поднесување пријави за гласање на Бугарите во странство.
Пријавувањето се врши со поднесување писмена пријава во хартиена форма или пополнување на електронска пријава за гласање во странство, која може да се најде на веб-страницата на Централната изборна комисија на Р. Бугарија.
7 март е и последниот ден до кога организациите на Бугарите во странство можат да испратат предлог до дипломатско-конзуларните претставништва на Бугарија каде да има избирачко место.
До 11 март ќе се знаат локациите во државите во кои ќе се формираат избирачки места надвор од земјата. На 14 март ќе бидат формирани избирачките места надвор од државата.
Изборните комисии во странство ќе бидат именувани на 20 март. На 14 март се објавуваат и списоците на лицата кои имаат право да гласаат надвор од земјата.
Гласачките ливчиња за гласање во странство содржат само полиња за бројот и имињата на партиите и коалициите и опција „Не поддржувам никого“.

