Бугарските општини се подготвуваат за учеството во Giro d’Italia
109-тото издание на велосипедската трка Giro d’Italia ќе започне со три етапи на територијата на Бугарија од 8 до 10 мај, а официјалното отворање и претставувањето на тимовите ќе се одржи на 6 мај во Бургас, соопштија од Министерството за туризам и Министерството за млади и спорт, јавува БНР.
Трката ќе биде пренесувана на Eurosport 1 и 2, како и на HBO Max. Се очекува настанот да привлече илјадници туристи и љубители на велосипедизмот.
Првата етапа на 8 мај ќе стартува од Несебар и ќе заврши во Бургас, втората на 9 мај е од Бургас до Велико Трново, а третата на 10 мај од Пловдив до Софија.
Градовите долж трасата се подготвуваат интензивно. Во Бургас е покрената иницијативата „Бургас во розово“, а градот ќе биде украсен во симболичната боја на трката. Градоначалникот Димитър Николов изјави дека целта е Бургас да стане „најзапомнетата стартна локација во историјата на трката“.
Во Велико Трново, како што изјави заменик-градоначалникот Георги Недев, „Крепоста Царевец веќе светна во розово“ и ќе има пренос во живо и концерт на денот на финалето.
Во Пловдив, трасата ќе минува низ значајни локации, а се планираат концерти и велосипедска поворка по стартот, која ќе го означи почетокот на новата велосипедска сезона.

