Бугарските спортисти освоија 27 медали на Светското првенство за лица со Даунов синдром
Бугарските натпреварувачи освоија вкупно 27 медали на BAUHAUS Down Syndrome World Championships Bulgaria 2026, што се одржа во Софија, јавува БНТ.
Националниот тим го заврши настапот со нови седум одличја во последниот ден од натпреварувањето – четири златни и три бронзени медали. Претходно бугарските спортисти освоија седум медали во првиот и 13 во вториот натпреварувачки ден.
Во атлетика, Александар Асенов триумфираше на 200 метри, а Светослав Богданов освои бронза во спортско одење на 3000 метри. Михаела Рангелова продолжи со одличниот настап во ритмичка гимнастика, освојувајќи уште две титули во финалите на чуњеви и лента кај девојките.
Успеси имаше и во спортската гимнастика, каде бугарските репрезентативци освоија едно златно и две бронзени одличја. Во тенис, Пламен Павлов заврши на четвртото место, додека во пинг-понг Виктор Иванов не успеа да ја мине елиминациската фаза.
На првенството учествуваа речиси 400 спортисти од 27 држави, а Бугарија беше претставена од 20 натпреварувачи во пет дисциплини. Учесниците ќе бидат дел од социјална програма во Софискиот зоопарк, по што ќе се одржи официјалната церемонија на затворање.

