Елешница по третпат ќе биде домаќин на спектаклот „Непреодна вечност“ посветен на автентичната бугарска носија
Селото Елешница во Бугарија на 20 јуни, од 21:00 часот, ќе биде домаќин на третото издание на ревијата-спектакл „Непреодна вечност“, посветена на автентичната бугарска носија, јавува Пиринско.
На плоштадот во селото ќе бидат претставени над 120 автентични носии од минатиот век, обезбедени од колекционери и музеи од цела Бугарија. Во настанот учествуваат музеи од Благоевград, Разлог, Банско, Петрич и Гоце Делчев, како и музејските збирки на Елешница и Белица.
Публиката ќе може да ја почувствува магијата на бугарската традиција преку прочуеното „високо“ пеење на женските пејачки групи од селата Сатовча и Долен, носители на Хердеровата награда и впишани на листата на УНЕСКО за нематеријално културно наследство.
Во програмата ќе настапат и ансамблите „Пирин“ и „Македонија“, Бански старчета, Веселин Митев, Самир Куртов, како и стотици учесници и манекени. Вкупно над 200 учесници ќе излезат на сцената во тричасовно шоу со авторска музика, сценско осветлување, специјални декори и изведби во живо, под режија на Мартин Влахов.
Настанот го организираат читалиштето и кметството на село Елешница, под покровителство на Министерството за култура, со поддршка од Општина Разлог и проф. д-р Љубомир Пенев. Медиумски партнер е БНТ.
