БУЈАР ОСМАНИ ВО РАБОТНА ПОСЕТА НА БРИСЕЛ

//

Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања, Бујар Османи од утре ќе престојува во дводневна работна посета на Брисел, каде ќе оствари средба со Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и Потпретседателката на Европската Комисија, Федерика Могерини.

Во рамките на посетата на Брисел, Вицепремиерот Османи ќе остари средби и со Димитрис Аврамопулос, Комесар за миграција и внатрешни работи, како и со Кристијан Даниелсон, Генерален директор во Директоратот за Европска соседска политика и преговори за проширување.

На средбите Османи ќе ги презентира мерките предвидени во новиот реформски План 18, а ќе бидат отворени и сите останати теми поврзани со европските интеграции на земјава, а во насока на очекувањата од претстојните Самити на Европската Унија кон крајот на месецот.



Во рамките на посетата на Брисел, Вицепремиерот Османи заедно со Министерот за економија Крешник Бектеши ќе остварат средба и со Комесарката за трговија, Сесилија Малстром, каде тема на разговор ќе бидат трговските односи меѓу Република Македонија и Европската Унија, особено предизвиците кои произлегуваат од влошувањето на односите во делот на трговијата со челик меѓу Европската Унија и САД.

Вицепремиерот Османи за време на работната посета на Брисел исто така ќе одржи брифинг со претставниците на земјите членки на Европската Унија во работната група КОВЕБ, а на маргините на посетата ќе има и свое обраќање за европските интеграции на Македонија пред дипломатските претставници како и претставниците на граѓанскиот сектор во Брисел, во организација на фондација Ханс Зајдл.

Претходна статија

СРЕДБА НА МНР НИКОЛА ДИМИТРОВ СО СЛОВАЧКИОТ АМБАСАДОР РОБЕРТ КИРНАГ

Следна статија

ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ВО ВРСКА СО НАЈАВЕНИТЕ ПРОТЕСТИ ВО ГРЦИЈА

Најново од Вести