| |

БУМ, БУМ, КА-БУМ!

Деновиве сме сведоци на нови „пуштени“ во етер „бомби“ за криминалите кои се правени во Македонија. Правени, но не прекинати. Правени, но не заборавени и не избришани.
Сега новиот „Бошко Буха“, Ел Чека, пушта материјали против функционерите на ДУИ. Има и снимки со разни функционери на ДПМНЕ, но претежно се од таборот на албанскиот дел на власта. Она што СДСМ немаше храброст да го стори и сите материјали да ги предаде на СЈО (што им беше и законска обврска), сега новиот „Викиликс“ јунак ги пушта секојдневно и најавува дека тоа ќе трае и трае…

Има материјали и има докази за извршените криминали. Нема реакција од власта и од надлежните институции. Јавното обвинителство има обврска да постапува по слушнат глас и ноторен факт. Сето она што се слуша во бомбите може многу лесно да се провери и докаже.
МВР се заканува дека го лоцирало лицето кое ги пушта бомбите и дека барале од ФБ да го избрише од социјалната мрежа. Но, никако не смее да постапува по нив, да отпочне истрага и да прибира докази за идни кривични постапки. Нема ли тука место за кривична одговорност кај обвинителството и МВР?
Оној што знае за сторено кривично дело и сторител на истото, со непреземање на дејствија за негово откривање и казнување е сторител на две кривични дела: Злоупотреба на службена положба и овластување по член 353 и Непријавување кривично дело или сторител по член 364 од Кривичниот законик на Македонија. Значи закони постојат!!!

Нашата јурисдикција за делата кои се споменуваат не е спорна-кривични дела сторени на наша територија, од страна на наши државјани-високи државни функционери, против заедничките интереси на сите наши граѓани. Ништо спорно. Само немање на храброст да се тргне во пресметка со организираниот криминал на „белите јаки“ кај нас.
Власта досега премногу пресметливо ги користи материјалите од т.н.бомби. И порано и сега селективно се користат и само за дневнополитички цели. СДСМ пушта „бомби“ против ДПМНЕ и после се „тезгарат“ за нивни цели, а сега за прв пат некој од другиот табор пушта „бомби“ против ДУИ. Дали поделбата по етничка припадност е толку видлива што мора секој да си ги средува работите само во својот двор, кај своите?

Како што Ердоган има непријател во Америка (земја далечна), така сега и ние си имаме некој од Чикаго кој сака со нуклеарна, интерконтинентална „бомба“ да ни го сруши политичкиот систем и да ни предизвика нова политичка криза. Нему таму му е многу потешко за нашава држава, отколку на нас самите овде. Лицето или лицата (можеби се добро организирана група) ни даваат материјали и болна вистина што ни е правено со години наназад и дека истото и денес ни се случува. Само што овде нема јунак кој ќе и излезе на мегдан на ламјата, на аждерот.
Сите ќе оставиме ова да помине незабележано, под радарот затоа што сега СДСМ нема интерес да го руши режимот. Сега тие се РЕЖИМОТ. Дали она пенкало што рушеше режими снема мастило? Или сега некој го украде пенкалото? (како камерите на Маврово).
Овде не е срамно да се изврши криминал. Срамно е да се побара одговорност од сторителите. Ние си ги величаме како национални херои кои ни се незаменливи. Тие ни се основоположници на Македонија, каква што ја знаеме. Празна, монотона, испиена. Македонија без иднина.
Датум за прием во ЕУ? Лани!!! Ни во јуни, ни во јули ни во наредните 100 години, нема да добиеме датум за влез. Вечно ќе останеме на портите на ЕУ, но ќе влеземе во НАТО за нашата војска да ги бие нивните битки. Нашите деца да гинат по светот за империјалистичките интереси на богатите земји. Ама тие даваат пари, ние ќе даваме наши чеда.
Додека самите не си ја земеме државата назад, да завладее правото и правдата да стапне на наше тло, немаме потреба од понатамошни преговори со меѓународната заедница. Не сме им дораснати. Како што вели нашата Влада-немаме капацитет за нив.
Немаме затоа што интимидацијата, заплашувањето го сторија своето, па секој се грижи единствено за себе и своето семејство. Државата ни е препуштена на моменталната политичка елита, која во стил на брод без компас, на отворено море не знае каде се наоѓа и каде оди. Назад нема, напред не знае каде. Најдобро е да се плута до некои подобри времиња.
А за новиот РИСТО БОМБАТА, една голема поддршка затоа што вистината мора да излезе на виделина. Некогаш мора да му се застане на пат на криминалот и со она ДОСТА Е!!! Да се тргне во подобра иднина. Така да ЕЛ ЧЕКА-РИСТО БОМБАТА Си ги правел тата-мата! САМО НАПРЕД!

Автор: Перица Спасовски, претседател на ГДУ-Куманово

Слични Објави