| |

ЦАР САМОИЛ ERGA OMNES

Kако што упатените читатели веројатно добро знаат, во последните четири месеци разговорите на експертско ниво меѓу Република Бугарија и Република Македонија за нашата заедничка историја тапкаат во место поради различните позиции за некои историски личности и процеси. Не само за Гоце Делчев, туку и поради различните ставови за тоа како да се претстави делото и државата на Цар Самоил во учебниците по историја. (во овој случај – за седмо одделение).

Всушност, за современата историска наука не постои посебна истражувачка дилема за земјата со која управувал Самоил, тоа е одамна разјаснето. Иако во помала мера од славните Филип и Александар Велики, личноста на цар Самоил има и постојано место во светската наука. Од разбирливи причини, владетелот на Преспа и Охрид одиграл значајна улога во историјата на Византиската империја, поради што византологијата – веќе долго време етаблирана престижна гранка на средновековни студии со свои значајни традиции, се занимава со него со децении, па дури и со векови.

Современата светска наука за Самоил
Колегата од Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, проф. Момчил Методиев, им презентираше на сите членови на комисијата список со 21 книга за византиската историја, објавени од авторитетни академски издавачи на англиски јазик во последниве 30 години, кои директно или индиректно се занимаваат со личноста на Цар Самоил. Тие вклучуваат класични изданија како што се The Oxford Dictionary of Byzantium и The Cambridge History of the Byzantine Empire или специјализираните монографии на Пол Стивенсен Byzantium’s Balkan Frontier: A Political Study of the Northern Balkans, 900-1204 и на Кетрин Холмс, Basil II and the Governance of Empire, 976-1025. Сите тие едногласно ја определуваат и ја именуваат државата на Самоил како „Бугарија“. Слична е перцепцијата и во големите научни центри во Франција, Германија и во Русија.

Сепак, консензусот не е само помеѓу далечните научно-истражувачки центри по историја, тој е забележлив и тука, во нашиот регион. Грчката силна византологија секогаш ја третирала државата на царот Самоил коректно, но поинтересни се промените на друго место. Знаеме дека во поранешна Југославија, од разбирливи причини, Цар Самоил бил претставуван поинаку. Сепак, од деведесеттите години на минатиот век, историчарите на земјите од поранешна Југославија започнаа да излегуваат од своебразната изолација од светската наука и да се откажуваат од тезите наметнати од ненаучни причини.

За хрватските историчари, Самоил е значаен, бидејќи под Цар Самоил (по владеењето на цар Симеон), Бугарија повторно станала сосед на Хрватска, и тоа таков што се обидува да се наметне, иако без многу успех, над средновековната хрватска држава. На самиот крај на X век, неговите војски извршиле поход длабоко во Далмација, а според некои проценки, стасале дури до Задар. Првиот том на репрезентативната повеќетомна „Историја на Хрватите“ на Матица Хрватска содржи посебно поглавје под називот „Востанието на комитопулите и обидот за обновување на Бугарското царство“ (с. 602-603). Други автори во истото издание пишуваат за бугарско-македонскиот великан Самоил (с. 57), чии „бугарски војски“ немале особен успех во походот до Задар. Под оваа ознака тие мислат на бугарската држава, која својот центар го префрли на она што денес е географската област на Македонија.

Уште позначајна е промената во Србија, каде постои поголема традиција во византологијата. По деведесеттите години од минатиот век таму беа отфрлени старите тези од времето на Југославија и беше прифатено општото становиште за бугарскиот карактер на цар Самоил. Значителна улога имаше книгата на историчарот од Балканолошкиот институт при САНУ (Српската академија на науките и уметностите), Срѓан Пириватриќ „Самоиловата држава“, која подробно се занимава со досегашните аргументи. Позициите на современата српска историографија се очигледни и од самиот наслов на специјалната статија на покојниот директор на Институтот за историја во Белград Тибор Живковиќ „Поход бугарског цара Самуила на Далмацију“.

(Целата колумна на проф. Наум Кајчев прочитајте ја на МКД.мк)



Слични Објави