Цариград- градот на величието и илузиите
Пишува: Владимир Перев
Константинопол, Бизант или Истанбул, бисерот на Босфорот и за многумина и многу држави, вратата кон светот, бил вечната мечта на народите. Тука доаѓал и Гоце Делчев, доаѓал и Павел Шатев и целото руско/советско разузнавање, доаѓал и Валтер Шеленберг за да се сретне со Ванчо Михајлов, доаѓал и Јосип Броз, како и неговата (којзнае која по ред) сопруга, да му донесе коминтерновски лажен пасош и вистински европски пари. Сите дошле тука, некои се населиле, повеќето од нив си заминале, но остатоците на многубројните етнички енклави сеуште ги има. Денес е тоа блескав и шаренолик град на огромното турско мнозинство и минималната бројка на етнички енклави, претежно православно христијански.
Бугарите/македонците од Тракија и денешна Егејска Македонија доаѓаат тука многу рано, а некои од нивните траги водат дури до 17-иот век. Ги има од сите професии, најмногу земјоделци и занаетчии, претежно млекари, но и заможни трговци. Некои бугари од севернобугарските предели, од Влашко или Бесарабија се високообразовани и достигаат до високи функции во Отоманската империја, стануваат судии и началници на оддели, но сето тоа за време на Танзиматот, во времето по Ѓилханскиот хатишериф (1839г.) и Хатихумајонот (1856 г.), закони кои им даваат равноправност на етничките нетурски (немуслимански) заедници, во водењето на управата и државата, како и право на свои претставници во власта.
Со тоа, почнува распадот на турскиот милетски систем кој сите немуслимански народи ги смета за грци-ромејци и поданици на Патријаршијата во Фенер, квартот во Цариград каде е нејзиното седиште. Така и почнува борбата на македонците/бугарите за своја етничка црква, а името “фанариоти“ станува симболот на омраза кон грчката црковна политика и нивната Мегали идеја. Така почнува борбата за бугарската Екзархија, бугарска колку и македонска, симболот на единството на еден поробен народ.
Историските факти се познати: Актот на едностраното прогласување на независност од Патријаршијата бил остварен на Велигден, 3 април 1860 година – во време на свечената служба Иларион Макариополски не го спомнал името на грчкиот патријарх, но го заменил со името на отоманскиот султан. Службата се превратила во прослава на отцепувањето од страна на бугарската колонија во Цариград.
Реакцијата на грчкиот клир била жестока. Поголем дел од бугарските владици биле испратени на заточение, а истовремно во Цариградскиот затвор животот го губи Димитар Миладинов (1862 г.), а речи си истовремено, големиот поет Григор Прличев е испратен на заточение (1868г.). Сепак, 16 февруари 1872 бил избран првиот бугарски Егзарх Антим I. Во меѓувреме, непречено тече процесот на организирање на гласање за официјално припојување кон Егзархијата во македонските епархии, кој завршил во Охрид и Битола во 1874 со резултат повеќе од две третини за Егзархијата. Во Охрид од општо 9,387 христијански фамилии само 139 луѓе гласале за останување во Патријаршијата, а во Скопје од 8,698 христијански фамилии 8,131 се присоединиле кон Егзархијата.
Големо е делото на Екзархијата во Македонија. Припадниците на Бугарската егзархија во Македонија во 1900 година биле 817,000 од општо 1,370,949 христијани (од кои словенојазичните христијани биле 1,032,533) во областа и при вкупно население од сите религии 2,258,224, што изнесува 59,6% од сите христијани (79,1% од словенојазичните христијани) и 36,2% од вкупното население. Во 1912 година непосредно пред Балканските војни во Македонија и Одринско Егзархијата имала 7 митрополити, 1,310 свештеници, 1,331 цркви, 234 параклиси и 73!
Екзархијата формира и училишта и гимназии. Ги има во Солун, Битола, Одрин и на други места. Бројот на учители и ученици е значителен, па така 1,373 училишта (од кои 13 гимназии и средни училишта) со 2,266 учители и 78,854 ученици. Училишната структура била раководена од посебен Училиштен оддел кон Егзархијата, кој ги определувал образовната политика, снабдувањето со учебници и целосната координација. Кон овоj оддел во 1888 биле додадени четири инспектори за Солунски, Битолски, Скопски и Одрински вилаети, кои тесно соработувале со директорите на училиштата.
Импресивни се имињата на учителите и учениците. наjпознатите учители и раководители во екзархиските училишта биле Григор Прличев, Кузман Шапкарев,[Васил К’нчов, Иван Гарванов, Гоце Делчев и Ѓорче Петров, а од учениците Тодор Александров, Андреј Љапчев, Иван Михајлов и многу други. За надворешните аналитичари постоело меѓусебно влијание и поврзаност меѓу Егзархијата и револуционерното движење.
Желбата на македонците и бугарите да имаат своја црква во Цариград се остварува во 1898 година, кога црквата по претходно неколу неуспешни напори, конечно е построена и осветена. Тоа е светски познатата “железна црква“ посветена на “Св. Стефан“, во чест на најголемиот дарител за нејзиното постројување, богатиот и образован Стефан Богориди, човек со висок статус во Османската империја.
Упадокот на бугарската идеја во Цариград неспорно е поврзан со губењето на Втората балканска војна од страна на Бугарија. Конечниот пораз на една идеја е крајот и загубената Прва светска војна. Само во Вардарска Македонија биле затворени 641 училишта и одземени 761 цркви. Епархиите во Егејска и Вардарска Македонија официјално биле поделени меѓу Грчката и Српската православна црква, а под јурисдикција на Егзархијата во Македонија останал само пиринскиот дел. Егзархиските имоти кои останале во Турција, преминале во владение на Фондација од наследниците на оние кои платиле и ги граделе објектите. Така, денес во Цариград опстојува прекрасната куќа-вила со огромен двор во која до крајот на Балканските војни живеел последнио бугарски екзарх во Цариград, Јосиф. неговиот паметник може да се види во дворот на престојувалиштетот. Во власта на Фондацијата останала и велелепната Железна црква “Св. Стефан“. Сместена на Златниот рог, на најелитното некогаш, па и сега место во Цариград, таа е вистинска туристичка атракција, место каде за празниците се одржува богослужба, но и институција во која се одржауваат многубројни концерти. Прекрасната акустичност е нејзината одлика, а многубројните музичари сакаат да даваат концерти баш на тоа место. Метохот, наспроти црквата “Св, Стефан“ кој бил врелото на бугарското образование и култура, местото каде се печател и весникот “Македонија“ на Славејков, денес е претворен во музеј, каде можат да се видат и машините за неговото печатење.
Дворот на екзархиското седалиште е собирно место на македонските бугари и на помалиот број луѓе од Бугарија. Бугарската држава во последните години се потруди да ги обнови екзархискиот дом, црквата “Св. Стефан“, Метохот и другите објекти низ Цариград, важни за македоно-бугарската историја, образование и културно наследство. Дворот на екзархискиот дом е секојдневно собиралиште на потомците на некогаш многубројната емиграција во Цариград. Фондацијата Бугарска екзархија е официјален претставник на бугарската православна заедница овде. Има совет од седум души.
Претседател на Фондацијата е Димитри Јотев, а негов заменик Христо Копанов, и двајцата родени во Цариград, како и повеќето нивните претци. Таа е формирана по турските закони, и ја носи одговорноста пред турските органи. Нејзина е грижата за црквите и имотите, како и за луѓето, за тоа да им се обезбеди соодветната религиозна култура. Предимство, по бројност на луѓе има од Егејско и Одринско, најмногу од Костурско, Леринско, Каљарско. Ги има од Загоричани, Бобишта, Куманичево, Черешница, Блаца и Екши су, Олишта. Генералниот конзул на Бугарија во Истанбул, Радослава Кафеџиска е редовна посетителка на сите заседанија и седенки на Фондацијата и активен учесник во општествениот живот на заедницата. Тоа на најдобар начин ја покажува активната ролја на бугарската држава во заштита на сопственото, одамна раселено население.
Седенките во екзархискиот двор се секогаш со спомени кои се носат од минатото и наследените идеи за некогашната величина. Прекрасни, срдечни и отворени луѓе, секогаш спремни да прифатат дојденец од “старите краишта“ и да поведат разговор со него. Говорат на дијалектните форми од Костурско, Солунско и Леринско. Сепак, меѓу себе говорат речи си исклучиво на турски, јазикот на кој учеле и се воспитувале. некои од помладите деца и не го знаат јазикот на претците, па затоа се организира и црковно неделно училиште. Димитри Јотев, Христо Копанов, Васил Љазе и Борислав Башев, се сентимент се сеќаваат на времето кога бугаромакедонците во Цариград биле 45 илјади околу 1850 година, за кога се построила Железната црква да бидат нешто над 4.000. Но, и другите народи во Империјата не поминале подобро. Нивниот број значително се намалил, а со тоа се намалува и нивното влијание и моќ. Навистина, денес се останати околу 450 души, сите добро ситуирани и со солидно образование и примања, но сонот на минатото величие на македонобугарската заедница е нивната секојдневна приказна.
Тие се пример дека и илузиите можат да бидат плодотворни, ако се поставени на здрави минати основи и на непресушната верба во подобрата иднина.














