Дуална партократија, македонска хегемонија
Fb статус на Никица Корубин
Ако направиме пресек на партискиот живот, после 32 години независност, каква е сликата што ќе ја видиме? Кого ќе најдеме на сцената, од тогаш, па до денес, кој ја има целосната или делумна контрола и ги води и влијае на процесите? И не е притоа само име и појавност; без реална, суштинска и одлучувачка моќ, во форма на т.н “мала партија”? Кои се “големите” кои ни’ го креираат животот, на нас граѓаните, на општеството и на државата? Изборот е стеснет. Исто како и на почетокот и сега, моќта е поделена помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Формална левица и формална десница. Со по неколку клонови низ годините.
А, сето останато појавено, исчезнато или преживеано (се чини не за долго) е неопходната сценографија во филмот “повеќепартиски систем”, како што милуваат да кажат нашите, во основа, автократски партократи. Речиси, нужно зло. Кое како такво, освен што “ја завршува” работата низ годините, и станува “потрошена роба”, или до толку компромитирана, што “пазарната вредност” е ограничена: на имиџ и привлекување по некој глас; и лукративно “градење кариери” на строго ограничен партиски естаблишмент, пројавен како партиско раководство или скриен како сива еминенција. Грубо, во неколку збора, тоа е суштината на постоењето на десетина партии кои никогаш суштински ништо и не воделе, освен што прифаќале или одбивале да следат.
И ќе кажете, а каде е ДУИ, албанската константа, повеќе од 20 години? Но, кога реално ДУИ, била повеќе од партнер, на ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ сеедно, а кога била јасен и недвосмислен лидер? Без разлика на перцепцијата на јавноста, “македонската хегемонија” во ниту еден момент не е начната, власта е секогаш во “македонски раце”. А, сето друго е добра воља, на присуство во “нашиот систем” и “нашата држава”. И притоа “нашата држава” не е етнички ограничена, бидејќи како што се знае “црвената линија” за македонските партии, исто така се знае и истата и за албанските партии.
Ако ДУИ, долго време, беше лидерот во “албанскиот блок”, дали само ДУИ, придонесе за обезвреднувањето на сите останати албански партии, “операција” што ја следиме тековно? Дури се чини дека тие се потврд орев од сите “мали македонски партии” ефикасно и лесно “спакувани и обесмислени” со десетина или стотина, сеедно, небитни и малку битни функции, и мал незначаен простор, подарок од “јавноста”. Колку да се “занимаваат” со нешто, и притоа тоа “нешто” никогаш да не биде “креирање на државна политика”. Таа е наменета само и исклучиво за “големите”.
Ако некој во моментов ве праша дали на пример Алтернатива е власт или опозиција, одговорот ќе биде исто толку нејасен, колку и за истото прашање за Алијанса на Албанците на пример. “Бакнежот на смртта” не дојде од ДУИ, на речиси неповратното компромитирање на авторитетот и кредибилитетот; туку од македонското дуо: СДСМ/ВМРО-ДПМНЕ. Во изминатите неколку години, сите можни комбинации, навидум перверзно и нелогично, се сменија: час власт, час опозиција.
Се’ што допреа нашите “големци” претворија во “пепел”. Извежбани на “македонскиот блок” неприметно и (не)свесно преминаа на албанскиот блок. И од кога, по пат, или “во од” завршија со “помалите”, здружено се свртија кон “главната пречка”, најголемиот од останатите: ДУИ. Дали постои нешто, што така ги обединило СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како што е “нечесниот” однос кон ДУИ, за чиј “криминал и корупција” се сеќаваат, само тогаш кога се сигурни во својата позиција, опозициона или на власт, која ја практикуваат исклучиво поради “бројките” кои им ги обезбедува, “македонскиот немезис”. И што всушност се крие, во последната дезинтеграција на “интегративците” и кој така добро ја “ползува”?
Се разбира дека ништо од ова не ги “ослободува од вина”, сите “искористени” мали партии, македонски или албански, кои се јавуваат всушност како “искористувачи” на довербата на граѓаните во име на нивните “уништувачи”; но останува впечатокот дека всушност цело време, секој си ја знаел сопствената улога. И затоа во моментов, во мултиетничка Северна Македонија, во тоа едно општество за сите, “господарите на нашите животи” не се променети ниту за милиметар. Македонско дуо, кое сака да остане само на сцената, сцената која отсекогаш ја сметале за ексклузивно своја.
Но, има еден проблем. Можеби има контрола над “повеќепартискиот живот”, ама се’ помалку има контрола над граѓаните. А, тоа “нужно зло” тешко се контролира. И потребата од таа “контрола” ги диктира и потезите кои се прават. Се’ додека не се разбере иманентноста на изборот и конкурентноста во демократијата. За сега многу тешко оди. А, ќе биде само потешко. А, со тоа и повидливо. Глумењето демократија, со пракса на автократија. Може определено време, да се контролира моќта, но потоа таа почнува да контролира се’. Затоа што треба да се знае, што да се прави со таа моќ. Односно да се знае кои се тие што ја имаат моќта. А, во демократијата, тоа сигурно не се партиите. Колку и да се трудат, да ја задржат квазидемократската партократија. За сега успешно. До кога? На некои прашања секој треба да си даде одговор.