| |

Мицкоски меѓу Салазар и цар Борис III

Пишува: Владимир Перев

1.
Никој не може да каже од каде, како и зошто се изроди тој македонски шовинизам, тоа брутално понижување на сите нации од нашето соседство, освен, разбира се, српската нација. Ги помнам говорите на Лазо Колишевски каде се говореше за „грчкиот монархофашизам, за великобугарскиот национализам и за великосрпскиот национализам“, ама сето тоа беше за време на националните чествувања и празници, во поинаква, дијалектички прифатлива обланда, со разумен тон и во контекст со времето на југословенскиот подем. Веројатно така е логично…сега сме во декаданса, па затоа ги имаме тие изјави на Премиерот. „Ничим изазван“ да кажеш дека „нема проблем да ги ставиме и португалците и шпанците во Уставот (спомена и некои други ексјугорепублики), ама додека јас сум премиер, бугарите нема да бидат ставени во Уставот“, во најмала рака е безобразие со последици кои веќе се гледаат. Во продолжение ја изрече и често споменуваната позиција дека „Не можам да излезам пред граѓаните и да им кажам дека Уставот ќе биде сменет, а Бугарија да не ги имплементира пресудите на Европскиот суд. Кога ќе имаме чиста позиција…“ итн. Да биде срамот уште поголем, до скоро се говореше за раскинување, еднострано откажување на Преспанскиот и Бугарскиот договор, дури се споменуваше и Охридскиот?! Кој ли го советува Мицкоски? Ако се советува самиот, избрал лош советник!

2.
Време е некој да му каже на Мицкоски дека прашањето со македонците во Пиринско е causa perduta, дека одамна, многу одамна македонската држава се откажала од грижата за малцинствата во соседството и во светот. Тоа е работа на европските институции и тука сѐ е јасно. Со сличниот проблем се среќава и МПЦ-ОА околу раководењето со своите цркви низ светот, па затоа и ја нема соодветната афтокефалност. Денес ние сме само една автономна црква под српска управа, или, грубо речено, ние функционираме со „лажна, несоодветна и од ненадлежно лице и институција дадена автокефалија“! Не сме го исполниле ниту основниот услов-да ја признаеме автокефалната црква на Украина, за да можеме да пристапиме кон сопствената вистинска автокефалност, да пристапиме кон Цариград. Тука некаде се крие и прашањето за јазикот и нацијата, за тоа од каде се, кога се востановени и нивната врска со нашата реална државност.

3.
Кога се спомене Бугарија, секогаш во негативен контекст, најчесто обичниот македонец мисли на Цар Борис или на Ванчо Михајлов. Ако се во прашање Шпанија и Португал, некои помислуваат на Франко, но најчесто се мисли на топло море, вино и туристки во бикини! Е па, не е баш така. Има некои кои се сеќаваат на Салазар и на “Револуцијата на каранфилите“, ама тоа нашата политика не го знае. Ние го знаеме само Белград и сега Будимпешта. Тоа е нашата врата кон светот, од која никој не не пушта да излеземе, а низ неа добиваме само слаба, нејасна и загадена со национализам светлина. Цивилизираниот свет, или она што така милуваме да го нарекуваме, имаше долги години недоразбирања со политиките на Мадрид и Лисабон. Но, и двете нации покажаа достоинство и разбирање, денес тие се пример за демократија и човекови права…Европска цивилизација, од која само времено „свртеле глава“.

Никој и никогаш во Македонија не слугувал со толку страст и самопонижување на политиката на Белград и на тиранинот и шовинист Вучиќ, како ДПМНЕ во ова “наше“ македонско време. Време на празни ветувања, безумна корупција и брутални шовинистички измислици. Тоа Европа го гледа, знае и нема да ни го прости.

Конечно, да си кажеме уште нешто; ја чувствувам, гледам, злорадоста на некои кои велат дека “старата Европа ќе одумре и ќе се распадне, ние треба да си го барама патот“. Нека го бараат, но сите патишта, па дури и до Кина, задолжително врват низ Европа…така било, така и ќе биде. Кога Европа „ќе ја снема“, на нас македонците никој нема да се сеќава, ќе потонеме во морето на “големите ајкули“ и сопствените зависти и неспособности. Ние не сме нација на иднината, ние сме нација на Европа.

Толку!

Слични Објави