ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ ЗА НОВИТЕ ИНВЕСТИЦИИ ВО ПРЕНОСНАТА МРЕЖА НА АД МЕПСО: ГРАЃАНИТЕ И КОМПАНИИТЕ ЌЕ ДОБИЈАТ СИГУРНОСТ И СТАБИЛНОСТ ВО СНАБДУВАЊЕТО СО ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА

Вести Истакнато Македонија

Денеска во Владата на Република Македонија се одржа настан на којшто се потпишаа договори за нови инвестиции во преносната мрежа со којашто управува АД МЕПСО во вкупен износ од 18 милиони евра. По тој повод Премиерот Зоран Заев имаше обраќање во кое истакна:

„Денеска е особено важен ден за модернизацијата и возобновувањето на преносната мрежа во електроенергетскиот систем.

Граѓаните и компаниите ќе добијат сигурност, стабилност и квалитет во снабдувањето со електрична енергија на долг рок.

Со денешното потпишување на договорите МЕПСО како оператор на електро преносниот систем на Република Македонија ќе изгради над 100 км нова далеку водна мрежа, 4 нови далеку води на постоечки траси, ќе се модернизираат 4 трансформаторски станици со примарна и делумно со секундарна мрежа и ќе се инсталира нова опрема на 4 трансформаторски станици на 4 хидроцентрали.

Она што е важно е дека дотраената стара преносна мрежа ќе се заменува со нова, односно ќе се заменат далеку води стари над 50 години со нови. Крајниот бенефит од овие нови инвестиции во висина од 18 милиони евра во преносната мрежа на електроенергетскиот систем ќе ги почувствуваат компаниите, граѓаните и идните генерации преку навремено, брзо, квалитетно и стабилно снабдување со електрична енергија.

Истовремено со реализација на овие нови инвестиции на АД МЕПСО ќе се отвори можност за намалување на трошоците на работење, со што ќе се создадат услови и за намалување на крајната цена што ја плаќаат граѓаните и компаниите бидејќи очекувањата се дека ќе се намали преносната такса која ја добива АД МЕПСО.

Имплементацијата на новиот Закон за енергетика, а денешната активност е токму тоа,  дава позитивни резултати. Македонија ги спроведува реформите во енергетскиот сектор со процент над просекот на Енергетската заедница. Просекот на енергетската заедница е 43%, додека на Македонија е 50%.

Енергетскиот систем во Република Македонија функционира одлично. АД ЕЛЕМ и АД МЕПСО прикажуваат подобри резултати од претходно. АД ЕЛЕМ ги намали трошоците за производната цена на електрична енергија.

Треба да бидеме задоволни од ваквите резултати и да продолжиме да работиме уште по посветено.

На самиот крај комплименти до директорот и до НО И УО за спроведените постапки на транспарентност. Драго ми што имаме вака реномирани компании коишто ќе учествуваат во имплементацијата на вака значајни проекти.
дозволете ми да изразам огромна благодарност на нашите пријатели од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) што го следат и понатаму економскиот и енергетски развој на Република Македонија.

На компаниите изведувачи им посакувам успешна работа и реализација на проектите со лесно и со задоволство во работата!“