ВО ГОСТИВАР ОТВОРЕНО ВТОРОТО ИЗДАНИЕ НА TЕАТAРСКИОТ ФЕСТИВАЛ „ОТЕЛО“

Истакнато Култура

Министерот за култура Асаф Адеми синоќа во Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар присуствуваше и се обрати на отворањето на второто издание на Интернационалниот театарски фестивал „Отело“.
Во своето обраќање Адеми истакна дека постоењето на Фестивалот, кој се реализира со поддршка од Министерството за култура, отвора нови перспективи во развојот на театарската уметност не само во Гостивар туку и во збогатувањето на културниот простор во нашата земја.

Тој со присутните ја сподели и информацијата дека со одлука на Владата на Република Македонија, во Гостивар ќе биде основана нова национална установа „Гостиварски театар“, чие седиште ќе биде Центарот за култура. Адеми додаде дека со формирањето на новата установа, како една од неговите заложби при стапувањето на функцијата министер за култура, ќе се задоволи повеќедецениската потреба за професионално остварување на театарската уметност и презентација на богатото театарско творештво во овој град.

Инаку, во рамките на Фестивалот, кој има натпреварувачки карактер, од 5 до 9 ноември на сцената на Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар ќе бидат изведени пет претстави на албански јазик од театарски ансамбли од Македонија, Албанија и од Косово.