„РЕГИОНАЛЕН ТРЕНИНГ ТИМ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА“ ВО СКОПЈЕ И НА АП КРИВОЛАК

Вести Истакнато Македонија

Во периодот од 05-09.11.2018 година во Домот на АРМ се реализира работилница „Регионален тренинг тим за заштита на животната среднина“. Оваа работилница е во организација на Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ во соработка со НАТО и Канцеларијата за одбранбена соработка на САД во Македонија.

Реализацијата на оваа работилница ќе помогне во подобрување на заедничкото управување со животната средина на нашите воени полигони за обука при национална и мултинационална обука, заштитувајќи ги нашите национални ресурси и воедно истата претставува одлична можност за сертифицирање на учесниците со „НАТО курс за заштита на животната средина“.

Обучувачи на оваа работилница се претставници од НАТО, од Командата на САД во Европа (EUCOM) и Врховна команда на сојузничките сили на НАТО.

Цели на оваа активност се стекнување и унапредување на знаењата и искуствата на припадниците на Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ како и на претставниците од регионот во областа на заштита и унапредување на животната средина; запознавање со НАТО и ЕУ регулативи по однос на прашањето на заштитата на животната средина; како и придонес кон понатамошниот развој и промоција на Армискиот полигон „Криволак“, како меѓународен полигон за обука и извежбување.

На обуката учествуваат 30 претставници, од МO и ГШ на АРМ, од Албанија, Хрватска, Романија, Црна Гора и Косово, а покрај предавањата во Домот на АРМ ќе се реализираат и работни активности и посети на АП Криволак и на касарната Илинден во Скопје.