|

Цензурирањето на вести по медиумите е скандал исто колку што е скандалозна и темата која што била забранувана, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Од партијата ВМРО-ДПМНЕ велат дека веста за полутајната процедура во Владата за откочување на рудниците во Струмица била цензурирана, а власта на Ковачевски е претворена во цензор за да ги покрие криминалот и корупцијата. Владата на ДУИ и СДС не бира средства да ги сокрие скандалите и аферите кои се врзуваат за неа, додаваат оттаму.

„Тоа го прават преку притисоци, закани, па дури и потиснување на теми и бришење на вести. Впрочем јавноста вчера беше сведок на тоа кога една вест за концесијата за контроверзниот рудник беше тргната од онлајн изданието на еден медиум. Веројатноста дека тоа е направено под притисок на власта на ДУИ и СДС е огромна. Тие единствено имаат интерес вакви вести и информации да бидат сокриени од јавноста, затоа што ја покажува целата нивната нетранспарентност и коруптивност. Медиумот објави дека владата „полутајно“ дозволила спојување концесии за рудникот во Иловица Струмичко, со што била дадена можност да се активира проектот за рудник против кој имаше големи протести, па дури и самата СДС правеше кампањи за негово неотворање“, велат од партијата.

Според нив проектот долго време бил стопиран, но откако една компанија блиска до структурите на ДУИ влегла со удел во овој проект, сите бариери почнале да исчезнуваат, да исчезнува и уверувањето на СДС дека рудници во струмичко нема да има, но и да исчезнуваат мистериозно вести за оваа тема.

„Новинарот кој ја напишал оваа вест за активностите на владата во полутајна процедура за откочување на проектот поднесе отказ за тоа што веста му била тргната спротивно на сите демократски и професионални стандарди. Кому пречела оваа вест? Дали Ковачевски се претвори во цензор кој забранува да се зборува за полутајните и матни постапки во неговата влада? Што крие Владата? Кој се јавувал и вршел притисоци? Очекуваме сите овие прашања Ковачевски, но и ДУИ и СДС да ги одговорат. Цензурирањето на вести е скандал исто колку што е скандалозна и самата тема која што била забранувана. Скандалите кои до сега излегоа во јавноста покажаа дека оваа власт на ДУИ и СДС е полна со корумпирани функционери и класични криминалци кои се спремни се да направат за да дојдат до богатство, но и се да направат за да го прикријат криминалот, од тргање вести, па дури и до посериозни нешта“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие го осудувааат ваквото поведение на цензурирање на вести.

„Ги повикуваме еснафските здруженија на медиумите да го осудат замолкнувањето на истражувачкото новинарство, но во исто време медиумите да ја истражат темата која предизвикала толку голема нервоза кај големците од владејачките кругови. Кај што има чад има и оган, кај што има цензура сигурно има и притисок од страна на некој корумпиран функционери од владата“, завршуваат од партијата во своето соопштение.



Слични Објави