Честитки, гаранции и знамиња
Атанас Величков
Поранешниот бугарски претседател и иден бугарски премиер Румен Радев ги доби убедливо поредните вонредни парламентарни избори во Бугарија. Победата се разбира со себе носи и огромна одговорност, а имено комплетирање на компетентен владин кабинет и владеење во време кога Европа треба да се еманципира и да се сврти кон своите реални проблеми. Тоа треба да се случи со една, единствена цел, а имено Стариот континент да остане, па ако сакате и да се претвори во незаобиколив играч на светската геополитичка сцена.
Пред Радев има многу предизвици, но за нив нека анализираат бугарските експерти. Тоа е нивна работа, нашата работа е да не гледаме во туѓиот двор, туку да се концентрираме во средувањето на нашиот.
Во духот европското однесување државниот врв на Република Северна Македонија му честиташе на Радев, кој да не се лажеме, не е во списокот со најпосакувани партнери за политичката елита во Скопје. Таа елита би посакала од другата страна на масата со знамиња и шишиња со вода и чаши да седи некој „модерен“ политичар, чија дипломатичност на исказот, да може да се продаде како подготвеност за отстапки. Почитуваните Сиљановска-Давкова, Мицкоски, Муцунски и Гаши, знаат дека реални отстапки нема да добијат, не само од Радев, туку и од било кој друг бугарски политичар. Оти водењето меѓународна политика, не е чешање јазици и вежбање прсти на тастатура, од страна на мала група набрзина пребојадисани во зелено и розево темноцрвени троцкисти, туку е сериозна работа, што со себе носи историска одговорност.
Претседателката Сиљановска-Давкова вели дека очекува да се види и разговара со Радев, со цел да се најде ново решение. Се разбира со двете знамиња. Сомнително е да веруваме дека овој обид за духовитост од страна на нашата претседателка, ќе добие аплауз подалеку од граничниот премин Деве баир. Но, истиот е прекрасен начин, да се демонстрира некаква лажна рутинираност и самодоверба. Креативните (нови) решенија за кои се залага Сиљановска-Давкова, не можат да се пофалат со временска точност или некаков вид вонсериско визионерство, бидејќи истите се креативни, само и единствено за трустот на мозоци, околу претседателката. За останатиот европски свет, постои преговарачка рамка и јасен услов за почеток на преговорите за влез во ЕУ на Република Северна Македонија.
Радев со сите негови доблести и мани, како државник, не ја доби довербата на парламентарните избори во Бугарија, за да смислува нови решенија за веќе решени и потпишани обврски. Неговите одговорности пред бугарските граѓани се далеку поразлични. Неговата одговорност пред Европа исто така не вклучува играње мајтап со останатите земји членки на ЕУ, само затоа што некому во Скопје му е несфатливо, како тоа нема посебен третман за „опечалена Македонија, оти направила многу компромиси“. Тоа е реалноста, без разлика дали во иконографијата на нејзината визуализација ќе ставиме едно, две или повеќе различни државни знамиња.
Мицкоски во својата порака до поранешниот бугарски претседател спомнал за надминување на отворените прашања. Дали и тој спомнал за некакви нови (креативни) решенија не знаеме. Позната ни е неговата изјава во однос на изборите во Бугарија и некултурниот обид за иронизирање на бројката бугарски државјани, кои гласале на изборите за бугарски парламент, на избирачките места во нашата земја. Останува мистерија како со такво однесување, премиерот Мицкоски, ќе ги добие симпатиите на својот иден колега од бугарска страна, но, секогаш има простор за желби и надеж. Веруваме дека премиерот Мицкоски веќе е запознат со фактот дека Радев ги доби изборите и во Северна Македонија. За него гласаа 160 од повеќе од 400 бугарски државјани во земјата, кои без никаква вина се најдоа на менито на премиерот за вежбање иронична смисла за хумор. Не веруваме се разбира, дека токму тие реторички „вештини“ на нашиот премиер, ќе му бидат интересни на идниот негов колега од бугарска страна.
Првиот дипломат Муцунски најави преземање на соодветни дејствија и мерки за „развивање на дијалог“ и изрази надеж „дека може да се најде некое соодветно праведно решение коешто ја потврдува нашата желба за напредок кон евроинтеграцискиот пат но земајќи ја во предвид и самопочитта кон нашиот идентитет, јазик и историја“. Праведноста во случајот важи само за едната страна од имагинерниот конфликт меѓу Скопје и Софија. Го заокружуваме кругот и почнуваме нов круг, во место. Колку е тоа праведно во однос на граѓаните на Република Северна Македонија треба да одговори министерот Муцунски. Радев не може таа некаква замислена праведност да ја испорача, бидејќи не е негова ниту државничка, ниту морална обврска.
Претседателот на парламентот Африм Гаши изјави дека Собранието веднаш е подготвено за донесување на уставните измени, но не ги заборави гаранциите, што треба да ги испорача Бугарија.
Како треба да се формулираат тие гаранции никој не знае. Овде е моментот да потсетиме дека, кога се потпишуваше Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и тогаш Република Македонија, никој никому не бараше гаранции дека истиот ќе се спроведе навистина. Можеби токму тоа е и неговиот најголем недостаток, оти ако имаше гаранции црно на бело дека навистина Договорот ќе се спроведува, немаше да има ни потреба, од самозалажувања и евтини претстави со претензии за театарски дела достојни за сцената на Вест Енд.
