Четворица 18-годишни пријатели ја обиколија Бугарија со велосипеди за 21 ден
Четворица 18-годишни ученици од Националната финансиско-стопанска гимназија во Софија поминале повеќе од 1.500 километри со велосипеди низ Бугарија за 21 ден, со цел да го промовираат спортот и активниот начин на живот, јавува БТВ.
Георги, Стилијан, Лозан и Кристијан секојдневно минувале најмалку 70 километри, а во текот на патувањето најчесто спиеле во шатори. Со себе носеле четири шатори и плински шпорет.
Подготовките за предизвикот започнале уште во 2025 година со редовно возење велосипед.
„Целта беше да покажеме дека спортот може да значи здравје. Спортот е многу убава работа, која треба да ја поттикне младата генерација да биде сè поактивна. Околу две третини од целото патување спиевме во шатори. Независноста за мене е слобода – слобода да го направиш она што го сакаш и она што твоето тело го заслужува“, изјави Георги Танев.
Според него, во текот на подготовките во просек возеле по околу 100 километри неделно.
„Тоа нè доведе до околу 2.000 – 2.100 километри за целата мината година, што многу ни помогна за ова патување“, рече Танев.
Лозан Пасек раскажа дека тргнал со околу 15 килограми багаж, додека велосипедот тежел уште 10 килограми. Опремата ја носел во странични и рамковни торби, а ниту еден од четворицата не користел ранец.
„Едно од нештата што ги научивме во последните две години возење велосипед е дека кога имаш ранец на грбот, многу брзо се заморуваш и веќе на првиот или вториот ден тешко го издржуваш напорот“, рече Пасек.
Маршрутата започнала од Софија, преку превојот Петрохан и Берковица кон Лом. Оттаму продолжиле низ Дунавската Рамнина до Балчик, потоа до Созопол, а од црноморското крајбрежје преку Тракија се вратиле во Софија.
Најтешки биле првите денови од патувањето, особено преминувањето на Петрохан.
„Првите неколку дена беа многу тешки. Превојот Петрохан навистина нè стави сите на тест, особено мене. Ми беше навистина тешко, но по првата недела стана попријатно. Се навикнав на напорот“, изјави Стилијан Димов.
Тој вели дека патувањето за него било и личен предизвик.
„Многу сакав да си покажам себеси дека ова е нешто што можам да го направам, нешто што можам да го надминам и да бидам посилен откако ќе се вратам“, рече Димов.
