„ЧУРЛИНОВ ИМА ДОГОВОР СО КЕЛН, ИМА И НОВА ПОНУДА, А ОД ШТУТГАРТ – НЕМА НИШТО!“

Откако германски „Кикер“ завчеравечер објави дека македонскиот талент и член на селекцијата до 21 година, Дарко Чурлинов од Келн зимава ќе си замине од таборот на „јарците“ и ќе потпише за Штутгарт, спортскиот директор на неговиот актуелен клуб Хорст Хелд ги демантираше таквите шпекулации.

Чурлинов уште од септември се најде во центар на вниманието откако „искрсна проблем“ околу неговиот статус, барајќи да биде многу повеќе со првиот тим, наместо да игра за младинците на Келн. Неговиот договор со Келн завршува во јуни 2020, а летоска Штутгарт во последните денови се појави со интерес да го ангажира, но такво нешто не се случи, а сега повторно приказните за заминување се појавија по германските медиуми.

„Прочитав и јас за Чурлинов во Штутгарт, но искрено – не знам ништо за тоа. Дарко има договор со нас, а плус никој од Штутгарт не ме контактирал“, вели Хелд.

Младиот македонски фудбалер на стартот на сезоната дебитираше во Бундеслигата, но не добива премногу шанса во првиот тим. Од Келн веќе објавија дека му понудиле нов договор, но…

„Келн веќе му достави нова понуда на Дарко уште во август. И мислам дека негово право е да размисли, но нема новости. Нема ниту инструкции некакви за да не игра. Далеку од тоа“, додава Хелд.

Чурлинов е младински репрезентативец, кој лани со селекцијата до 19 години играше елитна фаза на квалификации, а сега е еден од предводниците на новата генерација на Благоја Милевски во циклусот за Евро 2021. Патем е најмладиот македонски дебитант во најсилната македонска селекција.

Извор: Спорт1

Слични Објави