ЦИВИЛ: Слободата на Украина значи слободата на Европа, на светот!
На 24 ноември се навршуваат 10 месеци од целосната воена агресија против Украина. Соочена со херојскиот отпор на храбрите Украинци и Украинки, руската солдатеска ги компензира секојдневните понижувачки порази на бојното поле со грозоморни воени злосторства.
Цивилите, меѓу кои илјадници деца, жени, невооружени мажи и возрасни луѓе се подложени на непрекинато и неселективно бомбардирање. Војската и платеничките паравојски, вооружени до заби, фрустрирани од сопствената неспособност и кукавичлук, уште од првите часови на инвазијата убиваат цивили, силуваат жени и деца, ги подложуваат на ѕверска тортура, ги ограбуваат нивните домови, ја уништуваат инфраструктурата и го крадат украинското жито кое ја храни не само Украина, туку и целиот свет.
Геноцидната војна што ја води Русија, негирањето на украинската нација, јазик и идентитет, анексијата на делови од територијата на суверената држава Украина и систематското спроведување на терор против цивилното население, целосно го уриваат меѓународниот поредок. Војните за освојување на територии и претворањето на енергенсите и храната во оружје сега се реалност за светот.
ЦИВИЛ е првата македонска организација и меѓу првите во светот што ја осуди руската воена агресија врз Украина. И денеска, како и секој ден од почетокот на руската агресија во Украина, ЦИВИЛ ги повикува сите мирољубиви и хумани луѓе, интелектуалци, уредници, носители на одлуки и лидери во заедниците да ја осудат воената агресија со донации, пораки и споделување на релевантни информации.
Северна Македонија е дел од државите на Западен Балкан, каде што руската пропаганда најде плодно тло кај одредени ултранационалистички и антизападни структури и политички групи. Дезинформациите и пропагандата се насекаде, на социјалните мрежи, во медиумите, во дејствувањето на пропагандистите на терен. За македонското општество е исклучително важно да ги препознае и да им се спротивстави. Секој може да придонесе и кон борбата против кампањите со дезинформации и говор на омразата.
И запомнете: Слободата на Украина е слободата на Европа, на светот!, стои во соопштението на невладината организација ЦИВИЛ испратено до медиумите.