Црната листа на Лудакот

/

Пишува: Џабир Дерала

Чест е да се биде во црните листи (тефтерчиња). Многупати сме се нашле во нив. За моите знајни и незнајни другарки и другари тоа е признание дека правиме нешто добро. Никогаш нема нè исплашат црните листи на црните сенки на човештвото.

Путиновата пропаганда обвинува за русофобија… И предупреди дека грижливо ги документира тие што манифестираат русофобија. Злокобно предупредување дека секој што размислува различно од тиранинот од Кремљ го очекува одмазда.

Русофобија или стемеж за мир и слобода?

Русофоби ли се и милионите Руси кои не сакаат војна против соседна, братска и мирољубива Украина. Тие сакаат да го видат Путин на обвинителната клупа, да одговара за своите злосторства против рускиот и сите други народи кои ги упропасти и сега ги упропастува. Тоа ги прави русофоби? Затоа што сакаат мир, слобода и правда?

Русите, русофоби ли се? Ние, што израснавме, меѓу другите, и со Тургењев, Чајковски, Пастернак и стотици други, русофоби ли сме? Или тоа најмрачната сила во новата историја на светот реши да се пресмета со светот?

Црни листи

И прави црни листи режимот на светскиот тиранин. Што друго му е работа? И предупредува дека прави црни листи… Знаеме, не мораше да троши зборови да ни каже дека прави црни листи.

И знаеме дека е свесен: Стогодишната доктрина за водење „специјална војна“ со дезынформа́ция и маскировка веќе не функционира. И црните листи веќе одамна го немаат истиот ефект како во времето на Варша́вский догово́р.

Во денешно време, црната листа е список на сите што се борат, како што знаат и умеат, за слободата на Украина и на светот, но и за слободата на Русија. Слобода од тиранијата.

Украинските борки и борци се борат за сите нас

Да, тие украински борки и борци што денеска ќе ја држат линијата на одбраната во Киев, Мариупол, Одеса…

Тие се борат и за нашата слобода, за слободата на светот, за слободата на нивните соседи Руси.



И да не заборавиме, жртви на бавноста, инерцијата, конформизмот и бирократијата се и оние деца што денеска ќе ги разнесат Путиновите ракети. Путин е директно одговорен, но ќе беше поинаку да не беше светот себичен.

Ние не сме русофоби. Путин е.

Путин е тој што не го сакаме, ние и безбројните милиони Русинки и Руси, затоа што е убиец и затоа што веќе го уништи животот на милиони луѓе низ Европа и Азија. Сега сака да ја уништи и украинската нација. Се заканува дека ќе го уништи целиот свет, со бледата рака на црвеното копче.

Ние не сме русофоби. Напротив, Русија ја почитуваме, а многумина од нас и ја сакаат искрено. Путин ја мрази Русија и се плаши од неа. Се плаши од Русија слободна, мирољубива, развиена и отворена. Токму Путин и неговата клика се своевидни русофоби.

The Madman

Многумина во светот го нарекуваат Лудакот (The Madman), но тој е само безгранично крвожеден, зол и себичен. Можеби е и навистина луд. Уште една причина повеќе да се тргне од местото на кое се наоѓа.

Путинистите нека не се тревожат од овој назив. Феноменот на Лудакот не е нов. Во седумдесеттите години од 20-от век, Ричард Никсон играше на таа карта (The Madman theory). И не донесе ништо добро за светот. Сега, Путин се обидува да ја игра истата игра. Не е единствен во светот, но затоа е и најопасен Лудак (со или без наводници) досега.

Избор

Светот со Путин на обвинителната клупа или во Аркам (Arkham Asylum) ќе добие шанса да биде подобар. Светот со него на командната позиција има шанси само да пропаѓа или целосно да биде уништен.

Ние, на црната листа, избравме. Ова се денови кога сите треба да се одлучат, да се „качат“ на црната листа на Лудакот или да застанат во поворката зад него и да нè одведат сите заедно во амбисот од кој нема враќање.

Текстот е преземен од  Цивил Медиа

Претходна статија

Кој

Следна статија

Улогата на ВМРО во спасувањето на Евреите*

Најново од Колумни

Ќорсокак

Пишува: Владимир Перев На 24 јуни 2022 година стана пресврт, револуција во менталната матрица на бугарите