| | |

Големото прашање за Одринско и европскиот наратив за заедничкото минато на Балканот

Пишува: Проф. д-р Иван Динев Иванов, Универзитет во Синсинати

Во една од емисиите “Само Вистина” на Канал 5 од 8 февруари 2022 г,, почитуваниот Ѓорѓи Трендафилов постави прашањето “Каде се наоѓа денеска Одринско? Знаете? Коj дел на географска област Македониjа имаме коja jа нарекуваме Одринско? […] Зборувам за политичката манифестациjа на сите стремежи кои се правени од крајот на 19-ти до почетокот на 20-ти век, тие се неодвоени. Разбирате? Македониjа и Одринско не се одвоени.”1 Прашањето за Одринско е важно од неколу аспекта: Прво, тоа покажува сериозни, намерни пропуски во историографијата на Република Северна Македонија (РСМ) во однос на настаните на територијата на Османлијската империја во карјот на 19 и почетокот на 20 век. Второ, ваквата амнезија во однос на Одринско потврдува тезата на професорот Драги Ѓеорѓиев од мешовитата македонско-бугарска историска комисија дека историографијата во РСМ “беше во функција на градењето на нација и никој во Македонија не опонираше на ставовите на нашите историчари. Тие имаа слобода во бирањето на документите. Имаа друга мисија.”2 Тоа потврдува дека македонската историографија е водена доминантно од идеолошки и национални наместо научни мотиви и дека има сериозни пропусти на факти поврзани со тековните процеси на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век во Отоманската империја.

Трето, наместо да создаде конзистентен логичен и наратив заснован на факти, историографијата на РСМ прави тоа кое во социалните науки се нарекува p-hacking или злоупотреба на податоците во анализата.3 Дискутирајки дотичните процеси во Отоманска Македонија, проф. Ипек Јосмаоглу го опишува овој феномен посочувајки дека “cовремениот македонски наратив за историографска равенка меѓу барањето за автономија (на Македонија – бел. авт.) и постоењето на посебен (македонски – бел. авт.) национален идентитет не одговоара на историските податоци.” Понатаму, таа забележува дека има прилично очигледен проблем со самиот наслов на организацијата во која покрај Македонија е вклучен и зборот Тракија (Одринско — бел. авт.), регион за чие население “современиот македонски национализам никогаш немал претенции.”4

Оттука следува дека ревизијата на овој наратив не само што е неопходна, туку и крајно итна бидејки еден нов пообјекитвен наратив би бил од корист пред сè за граѓаните на РСМ кои зад многу настани од минатото би можеле да откриат побогата, посложена, но и многуаспектна и фасцинантна историја, дел од која биле нивните предци. Историјата на Одринско е еден ваков пример.

Во однос на настаните во Адрианополскиот (Одринскиот) вилает во крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век, постојат три тенденции, кои не треба никако да бидат бришани или изметени под тепих од кој да бил европски наратив во иднината. Прво, ослободителното движење на бугарскиот милиет во Отоманската империја по 1878 година природно следи истите процеси кои текнуват измеѓу бугарското население на територијата на Кнежевство Бугарија и Источна Румелија пред 1878 година. Тоа движење се потпира на верските и образовните столбови кои постојат на терен, вклјучувајќи посебна бугарски етнофилетистички цркви (кои по 1871 г. беа обединети во Бугарската Екзархија) и собствената образовна мрежа от основни, стручни и средни бугарски училишта. Овие образовни столбови овозможија формирање на револуционерното движење кое пред 1877 година се нарекуваше БРЦК, а по 1893 година – ВМОРО (исто како и БМОРК, ТМОРО и други).

Второ, пописите на населението на Отоманската империја што се одржаа во 1881/2-1893 г. и во 1907 година јасно покажаа дека на териториите на Солунскиот, Монастирскиот (Битолскиот), Косовскиот (Скопскиот) и Адрианополскиот (Одринскиот) вилаети постоел Бугарски народ (милиет) кој во најголем дел припаѓал на една заедничка образовна, религиска и комунитарната традиција.5

Трето, тој Бугарски народ (или милиет) имал свои институции преку кои учествувал во заеднички проект на градење на современа нација во смисолот на 19 и почетокот на 20 век. Нема апсолутно никакви податоци дека постоела некаква разлика помеѓу Бугарскиот милиет во Солунскиот, Монастирскиот (Битолскиот) и Косовскиот (Скопскиот) вилаети и истиот тој милиет кој живеел во Адрианополскиот (Одринскиот) вилает.

Во тој смисол постоела длабока поврзаност помеѓу бугарскиот религиозен и образовен систем во Османлиска Македонија (Скопски, Битолски и Солунски вилаети) и бугарскиот религиозен и образовен систем во Одринскиот вилает. Слично, постоела неразделна врска меѓу образовниот систем и револуционерното движење во сите четири вилаети. Речиси без никаков исклучок, сите наставници вработени во Бугарската егзархија се занимавале со револуционерна дејност и учествувале во активностите поврзани со ВМОРО во областите каде што предавале.

Оваа органска поврзаност меѓу Отоманска Македонија и Одринско ќе ја илустрираме со неколку примери. Главната бугарска образовна институција во Одринскиот вилает била Одринската бугарска мажка гимназија (ОБМГ), која е формирана во 1891 година, а пред овој датум постоело училиште кое било отворено во 1846 г. Поблизок поглед на раководството и персоналот на оваа образовна институција ни покажува дека три од четирите директори, кои раководели со гимназијата до неизното затворање по завршувањето на Балканските војни во 1913 г., се луѓе со корени од географска Македонија – првиот директор Тодор Танев е роден во Велес, понатаму директор е Антон Попстоилов од с. Лешко, Горноџумајско, денес во Р. Бугарија, а последниот директор е прилепчанинот Димитър Мирчев Тошев. Единствен директор на ОБМГ кој бил роден на територијата на Кнежевство Бугарија е Васил Jорданов од Шумен. Исто така спосокот на наставниците покажува дека повеке от три четвртини од нив се родени во географска Македонија како например Иван Ќулев од село Обидим во реонот на Банско, Пиринска Македонија, Коста Николов од Ресен, Петар М’рмев од Прилеп, Спас Мартинов од Битола, Филип Димитров од село Емборе, Костурско и Христо Коцев од Ново Село, Штипско.

Во списокот на наставници ќе најдеме двајцата водачи на 4-тиот Одрински Револуционерен Округ на ВМОРО Петар Васков од Велес и Климент Шапкарев од Охрид, кои го кренаа востанието во ноќта на Преображение 1903 година. За Климент Шапкарев е доволно е само да се каже дека негов татко е големиот преродбеник Кузман Шапкарев, наставник во Солунската бугарска мажка гимназија (СБМГ).

Посебно внимание заслужува ликот на Петар Васков, кој е роден во Велес на 18 мај 1875 година. Тој учи во СБМГ, а подоцна во 1896 година дипломира физика и математика на Софијскиот универзитет. Уште во гимназијата бил член на Тајниот студентски револуционерен кружок, а после кратко учителствување во Лом, Видин и Силистра во Кнежевство Бугарија, од 1898 до 1900 година, е наставник во ОБМГ и раководител на окружниот револуционерен комитет на ВМОРО во Одринско. За време на Илинденското востание 1903 година бил војвода во Демирхисарско и бил ранет во битка. Во 1904 година ја води граничната пункта на Воено разузнавачка служба на ВМОРО во Ќустендил и одржува контакти со Христо Матов, д-р Христо Татарчев и Димитар Мирасчиев. Тој одговара за преминувањето низ Ќустендил и испраќањето во Македонија на четите на Апостол војвода, Лука Иванов, Христо Чернопеев и други. 6 Денес по него е именувано селото Васково, Харманлијско. Исто така, во Пловдив има и улица на името на револуционерот во населбата Ќучуќ Париж.

За да разбереме зошто Тракијци го почитуват толку многу Петар Васков, мораме да прочитаме сеќавањјата на неговиот ученик од ОБМГ Дамјан Калфов:

Петар Васков беше целосно комплетна слика на ретко надарен математичар, голем патриот и прекрасна личност. Претходно беше гимназиски професор, сега дојде овде по втор пат и се знаеше зошто: по несреќното Преображенско востание од 1903 година, тој и само тој, несебично посветениот и високо талентиран организатор, можеше еднаш повторно да заживее, да и вдахне нов живот на нарушената револуционерна организација во Одринска Тракија. […] Во повисоките одделенија само слабо ја согледувавме, само имплициравме на важната мисија со која Петар Васков беше зафатен овде во Одринско. Но, подоцна, како средношколци, тој самиот веќе нè повикуваше и нè иницираше во револуционерни тајни.7 […] Откажувајќи се доброволно од сите лични удобности и задоволства, Петар Васков деноноќно беше зафатен само со организациски работи. Често се губеше некаде, повторно се појавуваше и повторно исчезнуваше. […] Во ноември 1907 година, над селото Лаџаќој, Ференско, (Петар Васков – бел. авт.) загина херојски со пушка во раката заедно со тракискиот војвода Лазар Маџаров и другите четници во нерамноправна битка со многубројните турски војници. […] Така славно и како логично природно го заврши својот млад бурен живот, лудо посветениот на каузата велешанец Петар Васков. Верен и достоен син на Македонија, тој верно служеше, со сите сили се бореше за слободата на Тракија и во неа ги положи коските. И затоа Тракија, нашата родна Тракија, го има повеќе од свој роден син.8

За органската врска меѓу Македонија и Одринско сведочи и сликата на учениците од СБМГ направена во 1888-1889 година. Меѓу 13-те матуранти имаме основачот на ВМОРО Антон Димитров од село Ајватово, Солунско, бугарскиот министер на просветата и пратеник от народно-либералната партија во Бугарија Никола Апостолов роден во село Пателе, Леринско, лекарот на универзитетот во Монпелие и офицер во бугарската армија во двете Балкански и во Првата светска војна Константин Робев од Охрид, како и други наставници и револуционери во Македонија. Меѓу нив се поголемиот брат на Петар Васков—Панче—како и Ѓорги Трајчев од Прилеп и Јанаки Гелев од село Бобишта, Костурско. Поинтересно е дека една четвртина од матурантите на СБМГ заминале во Одринско за да продолжат како учители во Бугарската егзархија и активисти на ВМОРО— Лазар Димитров од село Дренок, Дебарско, Манаси Димитров Лучански од Крива Паланка и Јаким Игнатиев од Кратово.

Лазар Димитров е основач на комитетот на ВМОРО во Гуменџе и на целата орагнизациска мрежа на ВМОРО во Ениџевардарско. Во 1896 година тој станува председател на Одринскиот окружен револуционерен комитет на ВМОРО. Другите двајца колеги на Лазар Димитров од истиот випуск на СБМГ—Манаси Лучански и Јаким Игнатиев—во тоа време веќе се наставници во Одринска Тракија и основачи на револуциониот комитет во Узунќопрју.

Наставникот и активист на ВМОРО од Мустафа паша (денес Свиленград, Бугарија) Анастас Разбојников, главен учител во селото Булгарќој, раскажува за својот пријател и соработник Манаси Лучански од Крива Паланка дека го запознал кога Лучански бил директор на третокласното бугарско училиште во Узунќопрју, каде имало многу активно бугарско население, бидејки во околината имало големи бугарски села.

Во тоа време инспектор на бугарските училишта во Одринско од страна на турската влада бил Хасан Мустафаоглу, кој бил роден во Пловдив. Во 1905 година Хасан Мустафаоглу направил увид на училиштата каде биле вработани Разбојников и Лучански. Инспекторот сакал да провери како оди наставата и изпитал еден од учениците да ги покаже границите на Бугарија.9 За почеток ученикот претпазливо покажал границата на Стара Планина, прикажувајќи ја само Северна Бугарија, но инспекторот му викал да внимава и ученикот се збунил и веднаш ја оцртувал и Источна Румелија (Јужна Бугарија) во границите на бугарската држава. Ова била причината поради која училиштниот систем во целиот реон бил ревидиран, Лучански и Разбојников биле изведени пред суд и избркани од Одринско, а училиштата во областа биле затворени.10

Овие примери jа илустрираат природната, органска, длабока и сеопфатна врска меѓу Македонија и Одринско во 19-тиот и почетокот на 20-тиот век, која е намерно отстранета (или многу површно спомната) во историскиот наратив на РСМ за да не се загрози проектот на градење на македонска нација. Во истото време историчарите во земјите-кандидати за ЕУ, вклучувајќи ја и Северна Македонија, треба да сфатат дека интегрален дел од проектот на европска интеграција е не само да бидат прифатени денешните разлики меѓу народите и општествата на стариот континент, туку и да бидат истакнати нивните минати заеднички карактеристики кои ги обединуваат сите европски нации како дел од севкупното европско семејство. Затоа намерната манипулација со таа врска меѓу Македонија и Одринско е неприфатлива од денешна гледна точка.

Не само што таа врска не може да се игнорира, туку заедничкото минато меѓу Бугарија и Северна Македонија е потребно да се користи активно во создавањето на тој нов европски наратив. Ваквиот пристап е оправдан не само од аспект на историската вистина, а и од перспектива на поправилно разбирање на времето кога живееле тие ликови (или таканаречената “мултиперспективност”). Нешто повеќе, тој наратив е апсолутно необходен за олеснување на транспарентноста во општеството и за всеопфатно консолидирање на демократијата во РСМ, кое е прв и основен критериум за унапредување на европската интеграција на земјите аспиранти. Таков потег е оправдан и од перспектива на потиснување на екстремниот, антиевропски национализам, за кој знаеме дека е во значаен пораст во последните неколку години во Европа и низ светот.

1 “Само Вистина со Богдан Илиевски, Ѓорѓи Трендафилов и Павле Богоевски,” 8 февруари 2022 г, https://youtu.be/i6twLNWLcSI

2 “Стадион на Канал 77,” 29 јуни 2019 г, https://youtu.be/JUlfb8hAamM

3 Обично ваквата злоупотреба (или p-hacking) се прави за да се пронајдат тенденции во податоците кои можат да се претстават како значајни кога всушност таков основен ефект не постои. Еден пример во таа насока е селективната презентација на податоците во квалитативната анализа, вклјучувајки ја и селективната презентација на одредени историски факти за сметка на други исто толку важни факти.

4 Ipek Yosmaoglu, Blood Ties: Religion, Violence, and the Politics of Nationhood in Ottoman Macedonia, 1878-1908. Princeton University Press, 2013, p. 15.

5 Официјалните податоци од отоманските пописи покажуват дека во империјата во крајот на 19 век има 817 801 Бугари (од нив 102 245 во Одринскиот Вилает, а 703 369 во Скопскиот, Солунскиот и Битолскиот вилаети), а во 1907 г. вкупниот број на Бугари се намакува на 761 530 луѓе од кои 119 476 живеат на територијата на Одринскиот Вилает, а 625 616 во вилаетите на Османлиска Македонија). Извор: Kemal H. Karpat, Ottoman Population, 1830-1914: Demographic and Social Characteristics. Madison, WI: University of Wisconsin Press, 1985, pp. 149-168.

6 Енциклопедичен речник Кюстендил (А-Я). София, Общински народен съвет, Регионален център по култура. Издателство на Българската академия на науките, 1988. ISBN 954-90993-1-8. стр. 98.

7 Сеќавања на Демијан Калфов во Борбите в Македония и Одринско: 1878 – 1912. Спомени, Български писател, София, 1981, стр. 61.

8 Сеќавања на Демијан Калфов во Борбите в Македония и Одринско: 1878 – 1912. Спомени, Български писател, София, 1981, стр. 62.

9 Важно е да се отбележи дека по обединувањето на Кнежевство Бугарија и Источна Румелија, формално Источна Румелија останала под јурисдикција на османлискиот султан, но била под директна власт на принцот во Софија. Оттука, додека за Бугарија и за поголемиот дел од светот Кневжество Бугарија и Источна Румелија биле единствен ентитет по 1885 година, за османлиските власти било важно децата во бугарските училишта во Отоманската империја да се учат дека Источна Румелија не била дел од Бугарија во тоа време.

10 Анастас Разбойников, Населението на Южна Тракия с оглед народностните отношения в 1830, 1878, 1912 и 1920 година. София, 1999, стр. 179-180.



Слични Објави