|

ЦУК воспоставува систем за рана детекција на шумски пожари со интелигентни камери

За првпат, преку пилот-проект реализиран во соработка со домашна компанија, Центарот за управување со кризи, воспоставува систем за рана детекција на шумски пожари со интелигентни камери поставени на стратешки локации.

Во моментов се оперативни поголем број камери, а во тек е проширување на мрежата на околу 50 камери, со што значително ќе се зголеми покриеноста на критичните шумски подрачја низ државата.

Системот овозможува 24/7 мониторинг од Оперативниот центар на ЦУК, навремено откривање на чад и почетните знаци на пожар, како и брзо известување на надлежните институции за побрза и поефикасна интервенција.

„Со оваа технологија обезбедуваме: Рана детекција на чад и пожар уште во почетната фаза, пред негово проширување. Континуиран 24/7 мониторинг без прекин. Интелигентни камери со ротација од 360 степени, кои постојано го надгледуваат просторот и автоматски се насочуваат и запираат на точната локација веднаш штом детектираат чад или пламен. Автоматско известување преку е-пошта и порака до дежурниот Оперативен центар на ЦУК веднаш по детектирањето на чад или пожар“, велат од ЦУК.

Од таму најавија дека во наредниот период ќе биде воспоставен и звучен аларм во дежурниот Оперативен центар на ЦУК, кој ќе овозможи уште побрзо известување и реакција на надлежните служби.

„Благодарение на поставеноста на камерите на телекомуникациски столбови, се обезбедува голема територијална покриеност и значително намалување на трошоците за поставување на системот преку искористување на постојната инфраструктура, подобра координација на институциите при интервенции преку визуелен увид во реално време во локацијата, правецот на ширење и интензитетот на пожарот и намалување на штетите и поголема заштита на човечките животи, шумите, имотот и природните богатства“, велат од ЦУК.

 



Слични Објави