|

Тренчевска: Мицкоски сака изборен грабеж, нема да дозволиме 200.000 гласови да останат без контрола

По насилното укинување на техничката Влада и рушењето на политичкиот консензус, Христијан Мицкоски сега сака да протне и Изборен закон кој отвора простор за нов изборен грабеж, изјави Јована Тренчевска, потпретседателка на СДСМ.

Сака, како што рече, шверцерски да се воведе електронско гласање на дијаспората без соодветни механизми за контрола, проверка и гаранција за тајноста на гласањето.

„Додека секој граѓанин кој гласа во татковината минува низ строга процедура – проверка на личен документ, потпис во избирачкиот список и идентификација со отпечаток од прст, Мицкоски сака за околу 200.000 потенцијални гласачи во дијаспората да нема исти правила и да нема никаква контрола.

Без да се гарантира дека гласот е даден лично, со можности за злоупотреби од ВМРО, со притисок, со присуство на други лица и злоупотреба на идентитетот на гласачот

Да не може да се гарантира ниту дека е почитувано основното демократско право – тајното и слободно гласање.

Ова го предлага ВМРО партијата која има најтешко наследство кога станува збор за изборни злоупотреби“.

Денес, кога поддршката на власта опаѓа, како што оценува таа, оправдано се поставува прашањето дали Мицкоски повторно се обидува изгубените гласови во Македонија да ги надомести преку неконтролиран систем на електронско гласање.

Дополнително, додава дека нема никаква причина ова решение да се носи набрзина.

„Предвидено е да почне да се применува дури од 2029 година. Имаше доволно време Владата да го повлече предлогот, да отвори вистинска јавна дебата и да обезбеди политички консензус за изборни правила што ќе имаат доверба кај сите.

Но, власта го одби и тој разумен предлог.

Кога Мицкоски одбива да прифати основен принцип тогаш сосема е јасно дека неговата цел е изборни манипулации и злоупотреби.

СДСМ нема да дозволи изборен грабеж“.

Со 10.000 амандмани, како што најави, ќе ги искористиме сите демократски и парламентарни механизми за да го спречиме овој опасен обид за поткопување на изборниот процес.

Нема да дозволиме, нагласи таа, да се отвори простор за манипулација со десетици илјади гласови без соодветна контрола.

 



Слични Објави