Половина од државните компании со загуба – 16 милиони евра „минус“ за три месеци
Во првите три месеци од годинава, 15 државни фирми, јавни претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост оствариле загуба во висина од 16 милиони евра, покажуваат најновите податоци на Министерството за финансии, пишува Локално. Од вкупно 29 компании опфатени во извештајот, половина работеле со негативен финансиски резултат, а половина со добивка.
На врвот на листата со најголем минус се наоѓа АД „Електрани на Северна Македонија“ со прикажана загуба од 45,2 милиони евра. Потоа следуваат ЈП „Национални шуми“ со 2,5 милиони евра загуба и ЈП „Железница – инфраструктура“ со минус од 2,2 милиони евра.
Загуби пријавиле и АД „Пошта на Република Северна Македонија“ – речиси 1 милион евра и АД „М-НАВ“ со 900 илјади евра.
Од друга страна, ЈП за државни патишта – Скопје е најголемото позитивно изненадување со добивка од 31,1 милион евра. Зад него се АД „Мепсо“ со 7,2 милиони евра и АД „Државна лотарија на Република Северна Македонија“ со добивка од 2,1 милион евра.
Речиси сите компании кои работат со загуба се наоѓаат и на должничката листа на Министерството за финансии со милионски доспеани, но неплатени обврски. Владата најави дека ќе работи на консолидација на дел од долговите во државните компании и јавни претпријатија.
Во последното тромесечје од 2024 година, истата група компании заеднички прикажа загуба од 37 милиони евра. Најдрастичен пресврт бележи ЈП за државни патишта – Скопје кое од загубар минатата година, сега се претвори во профитабилно претпријатие. Клучна причина за тоа се милионските приливи од патарини и такси при регистрација, како и фактот што претпријатието стана носител на големи инфраструктурни проекти финансирани со меѓународни кредити.
