Д-р Виолета Радева: „Опсесија. Лора и поетот’ става крај на децениските лаги наметнати од идеолошката цензура
„Опсесија. Лoра и поетот“ е насловот на неодамна објавената студија за експлозивното вкрстување на судбините на поетот Пејо К. Јаворов и Лора Каравелова. Авторката, д-р Виолета К. Радева, ја посветува книгата на 110-годишнината од трагичниот расплет на оваа љубов, која завршила со смртта на прославената софијска убавица и со ослепувањето на саканиот и популарен поет. Перипетиите на нивната сложена врска, која кулминирала на 29-30 ноември 1913 година, во изминатите децении постојано го привлекуваа вниманието на книжевните критичари и историчарите, биле објавени десетици книги, уште многу студии и статии.
За Faktor.bg, авторката за прв пат открива делови од неговото ново истражување.
Интервју на Маја Георгиева
Госпоѓо Радева, дали е можно после вакво изобилство на истражувања, да се каже нешто ново? Зарем не повторувате одамна познати факти, утврдени вистини, уште повеќе што во 80-тите години на 20 век адвокатот Никола Гајдаров го објави предметот бр. 205 во целост и некако стави крај на секое понатамошно истражување?
Несомнено, за оваа тема се напишани илјадници страници. Но и денес, продолжуваат да се појавуваат непознати за пошироката публика документи од тоа време. Се појавуваат и досега непознати сеќавања на нивните современици. Најиндикативен пример се сеќавањата на Дора Конова, објавени од книжевниот историчар д-р Петар Величков. Тие го прикажуваат гледиштето и учеството во драмата што се одиграла на улица Раковски бр. 126 во Софија, гледиштето на третата страна во љубовниот триаголник Лора – Јаворов – Дора Конова. Иако во 70-тите години на минатиот век делови од нив беа објавени во весникот „Труд“, тие, генерално, стоеја настрана од интересот на читателите, кои пред се се концентрираа на „фаталната жена“ Лора.
Што поразлично од општопознатото им откривате на читателите?
Пред се поинаков поглед на настаните и ликовите во трагедијата. Во текот на изминатите децении, се акумулираа толку многу искривувања, адаптации, слободни состави, напишани по нарачка мемоари, искрени измислици, да не речам лаги, што е навредливо не само за младите луѓе кои штотуку влегуваат во животот и отворено ја запознаваат родната литература, но е навредливо и за самиот поет. Значи, неопходно е да се ревидираат многу од наводно неспорните факти, што и се трудев да го направам. Митовите се убави, исполнети се со поезија и поука, но не и кога станува збор за личности, современици на нашите баби. По децениски лаги наметнати од идеолошката цензура, по наметнувањето на одредени догматски рамки, ми се чини дека е дојдено време да се фрли поодвоен, пообјективен поглед не само на историското минато на нашата земја, туку и на бугарската литература.
Наведете што конкретно оспорувате? Со што им се спротивставувате на претходните истражувачи, кои се етаблирани специјалисти во проучувањето на животот и поезијата на Јаворов, како што е неговата внука Ганка Најденова, пред сè?
Тешко е да се наведат сите оние детали кои се опфатени во книгата. Ќе се задоволам со тоа што како примери ќе ги наведам најчестите заблуди. Ова е, пред сè, неславната приказна за тоа како Лора Каравелова една вечер премрзната и мокра отишла во станот на Јаворов, а тој обземен од сожалување ја завел , иако не сакал да се плетка со разгалената претставничка на елитата во главниот град под било околности. Или како во 1910 година поетесата го демнела во Париз, на гробот на Мина Тодорова, и таму му изјавила љубов. Што е уште поважно, цитирам документи кои биле намерно игнорирани од некои истражувачи, а други им верувале на одредени авторитети и повторуваат сè што критичарите кажале пред нив без да се занимаваат со оригиналните извори.
Му дадовте простор и на творечкиот круг на кој му припаѓа поетот. Каква врска има тој со неговите интимни искуства?
Никој живот не минува одвоен од средината во која судбината го сместила. Писателите од кругот, формиран околу професорот по естетика и литературен критичар д-р Крстјо Крстев и поетот Пенчо Славејков, земале активно учество во развојот и афирмацијата на Јаворов како поет. Знаеме како неговиот живот се врти и тргнува по широкиот пат на креативноста откако д-р Крстев му ги отворил страниците на своето списание „Мисла“, а потоа го користи својот авторитет и врски за да го префрли поштарот што работел со телеграф од провинцијата во главниот град. Пенчо Славејков е „кумот“ на поетот, тој му го дал мелодичниот, поетски псевдоним Јаворов. Го вклучува и во општествени активности, надвор од неговото учество во македонското револуционерно движење. Една од најпознатите такви активности е отпорот што го пружиле во 1910 година на Вториот славјански собир организиран од русофилската Народнјашка партија и конкретно од Стефан Савов Бобчев. На собирот не биле поканети слободоумните писатели од Русија, Полјаците одбиле да присуствуваат затоа што не можеле да се збратимат со своите поробувачи, не биле поканети ниту истакнати научници и писатели од другите славјански земји. Поканети биле само тие, кои ги посочил Азискиот оддел. Славејков, Јаворов, д-р Крстјо Раковски, Петко Тодоров пишуваат храбри написи во весникот „Камбана“. Петко Тодоров го запознал Јаворов со своето семејство. Но, учесниците во „големата четворка“ не биле бестрасни сведоци на неговите интимни искуства, тие имаат свое мислење, се трудат да го советуваат, се трудат да го заштитат од неразумните страсти. Направив обид да ги анализирам психолошките афинитети и разлики меѓу поетот и неговите блиски пријатели и ривали.
– Спомнавте дека објавувате документи кои им „побегнале“ од вниманието на истражувачите. Кои се тие?
Во Делото бр.205 зачувано во Централниот управен суд има уште неколку интересни документи поврзани со материјалните докази што ги одзел судскиот истражител Иван Божилов од домот на Јаворов по смртта на Лора, а кои не беа објавени во книгата на Н.Гајдаров. Ги цитирав затоа што даваат различни одговори на прашања за кои секој смета дека се безусловно утврдени. Ги интервјуирав наследниците на некои од луѓето инволвирани во трагедијата. Станува збор за Фани Дренкова, сопруга на синот на Лора, Петко Дренков, Росен Чорбаџиев, син на литературниот критичар Петко Росен, Румен Шивачев, правнук на д-р Крстјо Крстев, Румена Паскалева, внука на Васил Беленски – сопственик на куќата во која престојувале Лора и Јаворов, Андреј Татарчев, син на д-р Божирад Татарчев. Научив многу факти за времето, за личностите од таа ера, за Јаворов од нашата извонредна германистка Жана Николова-Г’л’бова. За жал, никој од нив не го дочека издавањето на таа книга.
Колку што разбрав од вашите зборови, Вие долго време сте го подготвувале ова книжевно дело. Зошто истото се појавува токму сега?
Да, ова е тема која го имала моето внимание долги години и на која посветив многу време и енергија. Причините се различни, и од лична и од објективна природа, истите ме спречија да ѝ дадам завршен вид на мојата. Во ова време, некои поглавја најдоа место на страницата ЛитерНет, делови од други беа испечатени од вас, на сајтот Фактор,.бг, пишував за големото пријателство на Јаворов со легендарниот шеф на ВМРО Тодор Александров во сајтот Трибуна од Скопје. Драго ми е што доживеав да ја видам мојата работа во печатена форма. Како ќе биде примена од читателите не знам и не е моја работа. Книгата е како новороденче – или оживува и се развива, или завршува во фабриката за рециклирање на хартија.

