ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ: ИНСТИТУЦИИТЕ ДА ВЛОЖАТ СЕРИОЗНИ НАПОРИ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА НА ДЕЛА ОД ОМРАЗА

//

Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува жалење за прерано загубениот живот на Никола Христовски и ги повикува надлежните институции сериозно да работат на превенцијата на делата од омраза.

– Институциите мора со најголемо внимание, ефикасност и темелност да му пристапат на овој случај, да ги обезбедат сите докази и согласно тоа да го квалификуваат делото и да ја водат постапката против сторителот, кој согласно закон би бил изведен пред суд и казнет соодветно. Основното јавно обвинителство мора да ги разгледа сите индиции и да испита дали упатуваат на тоа дека овој настан претставува дело од омраза и соодветно да го квалификува, се вели во соопштението.

Од Хелсиншкиот комитет потсетуваат дека во текот на 2018 година регистрирале рекорден број инциденти сторени од омраза. Според нив, ваквиот тренд продолжува и во 2019 година, каде заклучно со јуни евидентирани се вкупно 109 случаи. Бројот на инциденти извршени по основ на етничка припадност е алармантен и достигнува 64 отсто од сите регистрирани инциденти, а најзагрижувачки е податокот дека огромно мнозинство на жртви и сторители се млади лица.



– Делата од омраза не се случуваат во вакуум, тие се насилна манифестација на предрасуди која понатаму продира во пошироката заедница. Поради тоа неопходно е да се зајакнат превентивните мерки, меѓу другото со преземање чекори за едукација на јавноста за вредностите на културната разновидност и инклузија, со посебен фокус на децата и младите луѓе, се наведува во соопштението.

Според информациите објавени од медиумите и Министерството за внатрешни работи, по претходна вербална расправија и физичка пресметка меѓу повеќе млади лица, вчера Никола Христовски (17) бил прободен со нож од страна на А.Т. (18), по што подлегнал на повредите во клиниката „Мајка Тереза”.

Претходна статија

ЗАПОЧНУВА ИНТЕРНАЦИОНАЛНАТА ЛИКОВНА КОЛОНИЈА ВО ГАЛИЧНИК

Следна статија

ГДУ: ОПШТИНА ШТИП ДА ГО РАСКИНЕ ДОГОВОРОТ ЗА БАЗЕНОТ И ДА СИ ГО ВРАТИ НАЗАД ИЛИ СОПСТВЕНИКОТ ДА ПЛАТИ КАЗНА СОГЛАСНО ЗАКОНОТ, БИДЕЈЌИ СИТЕ РОКОВИ СЕ ПРОБИЕНИ

Најново од Вести