ЗАПОЧНУВА ИНТЕРНАЦИОНАЛНАТА ЛИКОВНА КОЛОНИЈА ВО ГАЛИЧНИК

Во Галичник денеска ќе почне 30-та интернационална Ликовна колонија и ќе трае до 22 август, со учество на 11 уметници од повеќе земји.

На колонијата предвидено е да учествуваат Симоне Хујамнс и Мари ван Воленхофен од Холандија, Селма Џулизаревиќ и Бранимир Карановиќ од Србија, Софија Грегоријаду од Грција, Улф Лундин од Шведска, Даниел Дресел од Германија, Лин Куасаи од Англија, Хелидон Ѓерѓи од Албанија, САД и Зорица Зафировска и Атанас Атанасоски од Северна Македонија.

Ликовната колонија е визуелна манифестација во нашата држава која има за цел да воведе еден специфичен сензибилитет во заедничко работење на група интернационални и домашни автори.

За времетраењето на колонијата ќе се одржат две јавни презентации на кои уметниците ќе се претстават пред локалната јавност и ќе можат да комуницираат со локалното население.

Во октомври пак, во Националната галерија, објект Мала станица, ќе биде организирана и ретроспективна изложба „30 години Ликовна колонија Галичник“ на која ќе биде претставен селектиран избор на дела од сите досегашни сесии на колонијата, а ретроспективата ќе биде проследена и со монографија.