СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА СО ТРАДИЦИОНАЛНА ПРОГРАМА И НОВИ СОДРЖИНИ

Со традиционалната и препознатлива програма, но и со нови содржини од 21 до 26 август ќе се одржи 58. издание на Фестивалот Струшки вечери на поезијата.

Во рамки на програмата се предвидени повеќе поетски читања на различни локации на кои ќе се претстават 32 странски и 30 домашни поети од различни генерации.

Како новина во годинашната програма на Струшките вечери на поезијата е поетската порака што ќе биде прочитана за време на церемонијалниот дел на свеченото отворање од истакнат македонски поет/поетеса. Автор на годинашната поетска порака е Влада Урошевиќ, на кој по повод 85-годишниот јубилеј во рамките на програмата му е посветен посебен термин за поетски портрет. Инаку за главните фестивалски читања, покрај македонскиот и англискиот јазик ќе се користат и албанскиот и францускиот јазик.

Годинава СВП објави и повик за волонтери што ќе се вклучат во логистичката поддршка на фестивалот, а за поголема достапност на публиката, најавен е и организиран превоз по симболична цена за љубители на поезијата за главните фестивалски настани и тоа од Скопје преку Кичево за Струга и преку Велес и Битола.

Од изданијата на Струшките вечери на поезијата, освен монографијата на добитничката на Златниот Венец, романската поетеса, Ана Бландијана, книгата на добитничката на наградата „Мостови на Струга“, Моника Херцег, монографијата „Кој е кој“, четирите буклети во рамки на едицијата Версополис, се и тематската антологија „Арката на Ное“ чиј приредувач е Иван Џепаровски.

Во однос на овогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, жири комисијата, согласно постоечкиот правилник од пристигнатите наслови направила избор од пет книги и автори што ќе бидат претставени на Фестивалот и од кои ќе биде прогласен добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“. Во потесен круг се поетите Митко Гогов со „Скриено писмо“, Јовица Ивановски со „Човек“, Наташа Сарџоска со делото „Крстна коска“, Билјана Стојановска со „Стан што се распаѓа“ и Катица Ќулавкова со „Мои страсти, мои страданија“.