Да живее Соединението!
Соединението на Кнежевство Бугарија и Источна Румелија

СЪЕДИНЕНИЕТО ПРАВИ СИЛАТА!
6 септември 1885г.

„Следниот ден – 7 септември, околу пладне, Кнезот пристигна во Трново. Го пречекаа Каравелов и Стамболов.
– Е, господа? Сега каде? – праша Кнезот.
– Ќе ги обесам сите оние лудаци во Пловдив ако го прекршат Берлинскиот договор! – изржа Каравелов, кој беше против Соединението.
– Ваше Височество – извика патетично Стамболов – Соединението е веќе свршена работа.
Пред Ваше Височество се простираат два пата.
Едниот е преку Балканот кон Пловдив, па што ќе рече Бог, а другиот е преку Свиштов и по Дунав – кон Дармштат!
Кнез Александар му пријде на Стамболов, го прегрна и рече:
– Јас го избирам патот кон Пловдив!“
(Сведоштво на Григор Начович, разговор со П. Димитров, 1910 г.)

Сликар: Пјетро Монтани
„На 8 септември 1885 година, во една од просториите на историската зграда „Полицијата“ во градот Велико Трново, се одиграла следната сцена:
Кнез Александар Батенберг, целиот покриен со прашина од патот Русе – Трново, кој го минал со кола, стоел исправен среде просторијата, во која имало само едно биро и еден стол, и водел жив разговор со претседателот на Народното собрание Стефан Стамболов и со претседателот на владата на Кнежевството Бугарија, Петко Каравелов.
Каравелов го убедувал кнезот да не го признава Соединението без претходна согласност од Русија… Стефан Стамболов, во крајно возбудена состојба, го прекинал министерот:
„Јас сум во врска со Привремената влада во Пловдив, во врска сум со Софија, со цела Бугарија!
Знајте само едно: целиот бугарски народ по секоја цена го сака Соединението и е подготвен да ги даде и најскапите жртви за неговото остварување. Ако ние не тргнеме со народот, тој и без нас ќе ја постигне својата цел.
Нема време за чекање – викал Стамболов, мавтајќи со рацете – народот веќе го грабнал оружјето.“
И додал: „Коцката е фрлена! Кој бега од одговорноста, нека си остане дома кај децата.“
И, застанувајќи пред кнезот и гледајќи го право во очи, гласно продолжил:
„Ваше Височество, во овој судбоносен миг пред Вас стојат два пата: патот кон Дармштат и патот кон Пловдив.“ А откако почекал малку, завршил: „Среден пат нема!“
Настапила тишина, а надвор толпата, и натаму исто толку наелектризирана, извикувала: „Да живее Соединението!“, „Да живее кнез Александар!“ Тоа бил гласот на народот.
И кнезот морал да го послуша.
„Добро – решително рекол тој – јас сум со вас.“
Му подал рака на Стамболов.
Уште истиот миг Стефан Стамболов, со вдахновено лице, побрзал да седне на масата, го натопил перото во мастилото и почнал своерачно да ја пишува кнежевската прокламација до бугарскиот народ, а таа историска прокламација завршувала со зборовите:
„Отсега прифаќам да бидам и да се именувам кнез на Северна и Јужна Бугарија!“
Потоа Стамболов станал и му го отстапил своето место на кнезот, кој без двоумење седнал на истиот стол и, земајќи го истото перо од раката на Стамболов, со решителен замав ја потпишал прокламацијата. …“
Општински весник „Велико Трново“, бр. 18 и 19, 1940 г.

Трново, 8 септември 1885 г.
Целиот напис прочитајте го на следниот линк Блог на Л’чезар Тошев
