| |

ДАНС: Вооружувањето и хибридните операции на Русија и Кина го претвораат Балканот во зона на нестабилност

Бугарскaта влада го објави Годишниот извештај на Државната агенција „Национална безбедност“ (ДАНС) на Бугарија за 2025 година, во кој се предупредува на активност на странски разузнавачки служби, засилени хибридни закани и растечка милитаризација на држави од Западен Балкан со руска и кинеска воена техника, јавува БГНЕС.

Според бугарското контраразузнавање, вооружувањето на држави во регионот со техника набавена од системски геополитички противници на НАТО претставува непосредна закана за регионалната безбедност и директно ги засега бугарските национални интереси. Посебно внимание во документот им е посветено на процесите од другата страна на западната граница на Бугарија, кои би можеле да го нарушат кревкиот баланс на силите на Балканскиот Полуостров.

Покрај рекордниот број откриени шпиони во Бугарија, ДАНС регистрирала и сериозно заострување на хибридните закани против земјата. Западен Балкан е означен како ризичен регион изложен на хибриден притисок без преседан, додека долгогодишниот тренд на вооружување со руски и кинески воени технологии дополнително ги зголемува ризиците за бугарската национална и за европската безбедност.

Според извештајот, вооружувањето се одвива паралелно со масовно информациско и економско влијание. Милитаризацијата е дополнително поттикната од хибридни операции чија цел е дестабилизација на Балканскиот Полуостров.

ДАНС ги наведува и факторите што ја продлабочуваат кризата и го попречуваат демократскиот развој на соседните држави.

„Главните дестабилизирачки фактори се злонамерните хибридни операции, интензивирањето на екстремниот национализам, отстапувањето од принципите на демократијата и владеењето на правото, нарушувањето на принципите на добрососедство и постигнатите договори, дејствувањето на организираниот криминал и корупцијата, како и радикализацијата кај делови од населението“, се наведува во извештајот.

Покрај политичката дестабилизација и регионалните конфликти, Русија и Кина се особено активни и во областа на кибербезбедноста. Според ДАНС, нивните прикриени активности се насочени кон компромитирање на критичната инфраструктура и комуникациите.

„Се задржува активноста на Русија, Кина, Демократска Народна Република Кореја и Иран за вршење влијание врз важни комуникациски системи на земји што ги сметаат за непријателски“, предупредува агенцијата.

Загриженоста на бугарското контраразузнавање беше изразена и во претходните годишни извештаи. Во извештајот за 2024 година, Русија и нестабилноста на Западен Балкан беа издвоени како едни од главните закани за националната безбедност на Бугарија.

Уште тогаш ДАНС оцени дека однесувањето на Москва претставува главен извор на закани за Европа и дека Русија применува хибридни инструменти кои постојано се развиваат, вклучувајќи политички притисок, разузнавачки активности и воени демонстрации.

Во новиот извештај ДАНС повторно нагласува дека „однесувањето на Руската Федерација продолжува да биде главен генератор на закани за Европа и на глобално ниво“. Според агенцијата, Москва користи „хибриден инструментариум што постојано се развива“, составен од информациски напади, економски притисок преку создадени зависности и злонамерни кибернапади.

Вооружувањето и засиленото политичко влијание на Пекинг и Москва врз клучни држави од Западен Балкан, вклучително и преку големи договори за модернизација на вооружените сили склучени со земји надвор од НАТО, создаваат средина на стратегиска нерамнотежа, се наведува во документот.

Загриженоста на ДАНС поради руското и кинеското вооружување на Балканот се заснова врз конкретни процеси што во изминатата деценија главно се одвиваат во соседна Србија.

Во периодот од 2016 до 2021 година Белград спроведе голема програма за модернизација на својата армија, потпирајќи се првенствено на Русија. Србија набави борбени авиони МиГ-29, борбени хеликоптери, тенкови Т-72МС и противвоздушни ракетни системи „Панцир-С1“. Со тоа земјата стана главен руски воен партнер на Балканот.

По почетокот на војната во Украина и воведувањето строги меѓународни санкции против Москва, логистиката и плаќањата за руското оружје станаа речиси невозможни. За да не запре процесот на милитаризација, српскиот претседател Александар Вучиќ нагло ги пренасочи одбранбените нарачки кон Пекинг.

Србија денес е единствената европска држава што интегрира кинеско вооружување во својата армија. Највпечатлив пример е набавката на кинескиот противвоздушен ракетен систем HQ-22, во неговата извозна варијанта FK-3. Српската армија набави и кинески борбени беспилотни летала, а според медиумски објави, само во 2024 и 2025 година земјата увезла кинеска воена опрема во вредност од над 240 милиони евра.

Според ДАНС, влошената безбедносна средина бара постојана будност, меѓународна соработка и засилување на мерките за спротивставување на хибридните закани.

Слични Објави