Бугарските ополченци од Македонија
Проф. д-р Пламен Павлов/Труд
Во августовските денови од 1877 година се води една од најважните битки во ослободителната Руско-турска војна – одбраната планинскиот премин Шипка. Настаните се последица на дрзкoто, но неуспешно настапување на одредот на ген. Гурко во Тракија, каде што турското командување ја префрла 40-илјадната армија на Сулејман паша. Како резултат на надмоќта на противникот Стара Загора и низа други населби стануваат жртва на крвав погром. При очајничката одбрана на Стара Загора, Бугарското Ополчение влегува во првата своја битка со вековниот поробувач. Третирано од руското командување како помошна формација, Ополчението дава докази за својата улога на првокласна воена сила – и покрај застареното оружје и кратката подготовка.
Како што е познато, ополченците заедно со делови од Орловскиот и Брјанскиот полк ја преземаат одбраната на стратешки важниот Шипченски премин. Против повеќекратно посилниот противник застануваат петте ополченски дружини (шестата останува во резерва) и руски единици, вкупно 7500 борци.
Шипченската епопеја ги опфаќа деновите меѓу 9/21 и 14/26 август, а најкритична е состојбата на 11/23 август. Поради лошото оружје, недостигот од муниција и опрема се стигнува до борба со „камења и дрвја“ – реална ситуација, а не само поетска слика на Иван Вазов… Смртоносната закана од целосен неуспех на целата војна е надмината од ополченците и нивните командири предводени од ген. Столетов. Уште повеќе, во еден од критичните моменти д-р Везенков, за кого ќе стане збор подоцна, поведува во контранапад лесно ранети! Во бројот на „Труд“ од 20 август 2021 г. раскажавме како „Шуми Марица“ го сврте текот на битката: „Марш, марш, со генералот наш!“ пееја сите ополченци… Погледите повторно блеснаа, заедничката песна се носеше како стихија… Потоа се претвори во ураган!“
Подвигот на Шипка, што довел до пресврт во војната, е дело на бугарските ополченци и војниците од двата полка, составени од „малоруси“ (Украинци). Забележителен е духот на национално единство, својствен на Ополчението – граѓанската енергија, изразена при борбата за независна црква, легиите во Белград, внатрешната комитетска мрежа на Левски, Априлското востание… Јадро на Ополчението се борците од бугарските дружини во Српско-турската војна (1876 г.), а при неговата организација се вклучуваат луѓе од Добруџа, Мизија, Тракија, Македонија, Поморавјето, емиграцијата во Бесарабија, Романија, Србија… Од објективни причини најголем е бројот на ополченци од градовите и селата од двете страни на Балканот, дел од кои се во Романија со години, други емигрираат по Априлското востание. Стотици се ополченците од Трново, Свиштов, Русе, Габрово, Севлиево, Ловеч, Плевен, Пловдив, Пазарџик, Ќустендил, Софија, Враца, Видин, Сливен, Јамбол, Казанлак… Подценето останува учеството на Бугарите од Поморавјето, но ги знаеме имињата на неколку десетици ополченци од Ниш, Пирот, Врање и сл.
Ќе го насочиме вниманието на читателите кон Македонија – исконската бугарска земја, од која се вклучуваат стотици, без разлика на оддалеченоста на областа од местата каде што се формира Ополчението. Во извештај до военото министерство во Петербург кнез Дондуков-Корсаков пишува: „Само од Македонија за време на војната во Бугарското ополчение постапија речиси илјада души…“ Масовното учество недвосмислено покажува не само нивната самосвест, туку и како какви се перципирани од своите браќа од останатите бугарски земји, од Руската империја и т.н. Големи сили. Очигледно за сите Македонија е земја на Бугари!
Познати по име се околу 500 ополченци од Македонија. Руските писари ги забележале имињата на 73 од Битола и Битолско, повеќето од самиот град. Слична е сликата со Охрид и околните села – 56 ополченци, 49 од кои од старата бугарска престолнина. Од Велес и регионот се 28 борци, 24 од Тетовско, 24 од Горна Џумаја и регионот, 16 од Неврокопско, 13 од Гостиварско, 16 од Кумановско, 13 од Дебарско, 12 од Прилепско, 12 од Солунско, како и од Крива Паланка, Струмица, Штип, Сер, Кукуш, од уште подалечните Лерин, Костур, Корча… Без конкретна „адреса“ се забележани уште 49 души „родом од Македонија“. Во географските претстави во таа епоха во границите на областа бил вклучен и Призрен, во принцип во Косово, од каде што во Ополчението се вклучуваат 37 Бугари. Така стојат работите и со Врање во најјужниот дел на Поморавјето, од каде се запишани 9 ополченци.
Практично речиси сите борци од Македонија се борат на Шипка, каде што ги оставаат своите коски Христо Димитров од Битола, Јордан Јанков од Велес, Спиро Иванов од Охрид, Петар Марков од Призрен и уште дваесетина македонски Бугари. За пројавен хероизам одликувања добиваат десетици, меѓу кои се издвојуваат д-р Константин Везенков, прапоршчик Атанас Дуков, унтер-офицер Атанас Јанков и др. Подетални податоци читателот може да најде на сајтот „Makedonia. Croraina.com“. Така или инаку, потребно ли е да докажуваме дека Шипченската епопеја е важна, повеќе од автентична страница од заедничката ни историја со денешната Република Северна Македонија?!
Да кажеме по неколку зборови за некои од македонските Бугари, кои ја врзале својата судбина со Ополчението. Меѓу нив има цврсти „х’шови“ од емиграцијата во Романија, учесници во Ботевата чета и сл., но во случајов ќе ги нацртаме портретите на тројца забележителни Бугари. Ќе почнеме со д-р Константин Везенков (1848-1878) од Крушево, воспитаник на бугарското училиште во Цариград, кој дипломира медицина во Москва. При објавувањето на војната се вклучува во организирањето на Ополчението и е член на приемната комисија во Плоешт. Назначен е за воен лекар на Третата ополченска дружина и старши медицински чин на целото Ополчение. Како што станa збор, во борбите на Шипка младиот лекар го води знаменитиот контранапад на лесно ранетите во најкритичните моменти на 11/23 август 1877 г. За несреќа, при понатамошните дејства во јануари 1878 г. е тешко ранет кај с. Кадир факлии, Карнобатско, кое денес го носи името Везенково. Испратен на лекување во Руската империја, младиот и талентиран лекар умира во болницата во Феодосија на Кримскиот Полуостров.
Емблематична е фигурата на Бранислав Велешки / Георги Левков (1834-1919), ученик на браќата Миладинови, учесник во Првата бугарска легија, личен аѓутант на „патријархот“ на националната револуција Георги Раковски до самата негова смрт. Уште повеќе, името, со кое останува во историјата, му е дадено од Раковски. Бранислав Велешки е активен учесник во револуционерното движење, близок со Каравелов и Ботев. Учествува во Српско-турската војна, а во 1877 г. постапува во Четвртата дружина на Ополчението и е ранет во борбите на Шипка. Населувајќи се во Пловдив, стариот „х’ш“ учествува во Соединението во 1885 г. и е активен дејец на македоно-одринското друштво во градот.
Видeн македонски Бугарин, трајно поврзан со револуционерната кауза, е Спиро Костов Кипријата (1852-1931). Како емигрант во Романија е близок со Каравелов и работи во неговата печатница. Учествува во Српско-турската војна, по што се вклучува во Првата дружина на Ополчението и се бори на Шипка. По Ослободувањето учествува во Кресненско-Разлошкото востание. Населувајќи се во Источна Румелија и како старши стражар во Големо Конаре е еден од најактивните дејци на соединистичкото движење. Треба да се истакне дека токму Спиро Кипријата е во основата на создавањето на БТРЦК со претседател Захариј Стојанов и е избран за началник на тајната комитетска полиција. Зема активно учество во Соединението и води чета во Српско-бугарската војна. Десет години е шеф на противпожарната команда во Софија, продолжувајќи со учество во борбата за слободата на Македонија.
Примерите се многу повеќе, но ќе завршиме со показателниот факт, дека воената формација од Руско-турската војна е образец за создавање на Македоно-Одринското ополчение за време на Балканската (1912-1913 г.) – и тогаш, како и во 1877-1878 г., заедно со „македонци“ и „тракијци“ се вклучуваат стотици патриоти од слободна Бугарија.

