Деца од Северна Македонија и Бугарија заедно цртаат огромен цртеж пред Народниот театар „Иван Вазов“ во Софија
Триесет деца од Северна Македонија и Бугарија цртаат заедно пред Народниот театар „Иван Вазов“ во Софија, како дел од иницијативата „Од двете страни на границата“ на фондацијата Бугарска памет на бугарскиот бизнисмен, филантроп и мецена д-р Милен Врабевски.
„Платното е со димензии 5 на 6 метри и го прикажува сонот за единство меѓу Северна Македонија и Бугарија“, изјави за БТА Славчо Неделковски, директор на детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ од Битола.
На платното се претставени фигури на момче на позадината на северномакедонското знаме, кое подава рака на девојка зад која е насликано бугарското знаме, виде репортер на БТА.
„Сликата испраќа единствена порака: „Уметноста не познава граници – да не ги градиме!“. И ова е универзална порака за опстанок на човештвото во целина“, рече Неделковски. „Уметниците од целиот свет, а особено во конкретниот случај од двете страни на границата на соседните земји, мора да творат без политика и партизација. Нивниот немирен дух е првенствено слободарски. Не смееме да дозволиме да биде заробен во лавиринтот на политиката. И ние ја испраќаме таа порака и зборуваме јасно и гласно. Згора на тоа, пораката е појасна кога доаѓа од млади визуелни уметници и таленти. Тие се нашата иднина. За се друго можеме да имаме свое мислење, но за нивната радост денеска нема простор за дискусија“, додаде тој.
Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ во Битола е најстарата невладина организација во Северна Македонија. Повеќе од 40 години организира два настани за детска уметност – „Малиот битолски Монмартр“ и светската детска ликовна изложба „Битола“.
Ова е трета ваква средба на уметници од двете земји во рамките на кампањата „Од двете страни на границата“ на фондацијата „Бугарска памет“. За време на нивната прва посета на Бугарија, младите од Северна Македонија и нивните бугарски „колеги“ сликаа во центарот на Пловдив. Втората посета се случи во Копривштица и Софија, а децата од двете земји отворија изложба во Народното собрание со слики посветени на пријателството од соништата меѓу двете земји.







