Дечиња со големи срца: Штипски првачиња донираа училишен прибор
Хуманоста најубаво се учи од најмала возраст – тоа го докажаа основците од ООУ „Тошо Арсов“ во Штип. По иницијатива за својата соученичка Елена, која од денеска е прваче, четири ученици под менторство на своите наставнички го посветија летото на изработка и продажба на рачно изработени гривни.
Со ластиче и циркони, децата со многу трпение и љубов неколку дена изработувале накит, кој во текот на месец август го продавале во центарот на Штип. Средствата од продажбата ги искористиле за набавка на училишен прибор наменет за деца од нивното училиште на кои најмногу им е потребен.
Наставничките ментори гордо зборуваат за иницијативата на своите ученици, нагласувајќи дека тоа е доказ дека вредностите на солидарноста се градат уште од најрана возраст.
„Ова е прекрасен пример за солидарност, несебичност и одговорност. Нивната иницијатива е порака дека малите дела можат да направат голема разлика и дека вистинските вредности се учат преку дело. Се надевам дека нивниот пример ќе инспирира и други деца, но и возрасни да веруваат дека секој може да придонесе за заедницата на свој начин“ – вели наставничката Миладинова.
Купениот прибор – тетратки, моливчиња, ранче и други потребни материјали – ќе биде поделен на првачиња од ООУ „Тошо Арсов“ Штип.
