ДЕЛ ОД „ИНТЕГРА“ ПРЕМИНУВА ВО ВМРО-ДПМНЕ

Додека дел од актуелните и поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ бараат оставка од лидерот Христијан Мицкоски и вонреден конгрес, тој најавува окрупнување на опозицискиот фронт. Во ВМРО-ДПМНЕ од денеска преминува дел од раководството на десничарската партија Интегра, а Мицкоски им ветува интегрирање и во партиските органи.

„Ќе бидат интегрирани сите оние кои ќе се приклучуваат кон овој опозициски блок, а директно во ВМРО-ДПМНЕ во рамките на општинските, месните комитети, комисиите на партијата, зошто да не централниот комитет, извршниот комитет, конгресот како што споменавте… До овој момент, иницијативниот одбор предводен од групата која држеше прес овдека, но и групата недалеку од овде ја следеше таа прес-конференција нема доставено никаква иницијатива до ВМРО-ДПМНЕ.“

Мицкоски вели дека има докази оти лидерот на Интегра, Љупчо Ристовски, бил финансиски мотивиран од други партии за да ѝ наштети на опозицијата. Оние пак, кои од ИНТЕГРА преминаа во ВМРО-ДПМНЕ, нивната сега веќе поранешна партија, ја нарекуваат секта.

„Морам да напоменам дека, за жал, Ристовски и Интегра во која и ние дадовме придонес во изборниот период, одработија за актуелната власт.“

Но, лидерот на Интегра, Љупчо Ристовски, најавува тужби за кажаното на денешната прес-конференција.

„ИНТЕГРА“

„ДПМНЕ во својата немоќ да се поврати од пропаста, прибегнува кон подли методи на клиентелистички поткуп, уцени и закани кон лидерството на ИНТЕГРА, свесни дека како партија и идеологија го губат тлото под нозете и дека ИНТЕГРА го презема приматот во опозицијата врз македонските национални интереси.“

На парламентарните избори кои се одржаа во јули годинава, ИНТЕГРА освои околу 12.000 гласови, но не успеа да обезбеди ниту еден пратенички мандат. ВМРО-ДПМНЕ остана опозиција со 44 пратеници, два помалку од СДСМ.

Извор: Алсат