Денеска на Танц фест балетска претстава за деца
Денеска, во 18 часот во Македонскиот народен театар, во рамките на Танц фест 2018 ќе се прикаже претставата за деца „Зик Зак Пуф“ од компанијата „Мaфалда“ од Цирих, Швајцарија …
Кореографијата на ова балетско дело ја изработија Тереза Ротемберг и танчерите од Компанијата, која е основана во 1999 година. Костимите се на Тања Либерман, музиката на Тања Милер, а драматург е Ралф Бласе. Настапуваат: Дијана Гемеш, Јамила Кодр, Фаусто Изи.
„Претставата ‘Зик Зак Пуф’ е наменета за деца постари од три години и за нивните родители. Таа е современа колоритна бајка, во која постојат, чудни, различни суштества кои меѓусебно се сретнуваат. Низ заедничко искуство, тие сфаќаат дека, иако се различни, можат да општат и комуницираат и гледаат предизвик во таа можност“, нагласуваат организаторите.
Компанијата „Мафалда“ под умeтничко водство на Tереза Ротемберг со години ја фасцинира публиката со своите необични уметнички креации, исполнети со хумор и препознатлива поетика. Кореографката Ротемберг, работи и како гостин-кореограф во познати танцови компании, а се јавува како кореограф и во театарски продукции и опери. За претставата „Зик Зак Пуф“, таа ја добива престижната аргентинска награда за уметност „Атина“.

