Денков-Бун: Бугарија и Франција ги истражуваат можностите за соработка во енергетиката и одбраната
Има можности за соработка меѓу Бугарија и Франција во областа на нуклеарната енергија, стана јасно на средбата на бугарскиот премиер академик Николај Денков и Лоренс Бун, државен секретар за европски прашања на Франција, соопшти владината прес-служба.
Француската страна е заинтересирана за учество во проектот за два нови реактори во нуклеарната централа Козлодуј. Покрај тоа, во февруари оваа година е склучен договор со француската компанија „Фраматом“ за набавка на свежо нуклеарно гориво за 6-тиот реактор на „Козлодуј“ во периодот 2025 – 2034 година.
Премиерот и Лоренс Бун ја констатираа и интензивната одбранбена соработка меѓу двете земји. Франција покажува интерес за проектите за модернизација на бугарската армија – француски компании учествуваат со понуди за набавка на технолошка опрема.
Франција ја поддржува Бугарија во однос на нејзините главни надворешнополитички приоритети – приклучување кон Шенген и Еврозоната, како и во Организацијата за економска соработка и развој.
Премиерот му се заблагодари на францускиот амбасадор во Бугарија Жоел Мајер за посетата на делегацијата од Движењето на претпријатија во Франција – МЕДЕФ. Денеска и утре претставници на повеќе од 100 француски компании и друштва се на терен и ги истражуваат деловните можности во Бугариja.