Денков: Ќе продолжиме да работиме на резултати кои ја менуваат Бугарија на подобро
„Како влада ќе продолжиме да работиме на зголемување на приходите, намалување на нееднаквостите, привлекување инвеститори и подобрување на сите државни системи од кои зависат удобноста на луѓето, квалитетот на животот и условите за бизнис. Ќе продолжиме да работиме за резултати кои ја менуваат Бугарија на подобро“, изјави премиерот академик Николај Денков пред почетокот на првата владина седница на бугарската влада за 2024 година, јавува прес-центарот на бугарската влада.
Премиерот додаде дека е потребно повеќе време секој да ги почувствува резултатите од напорната работа на владата во секојдневниот живот. „На вистинскиот пат сме. Верувам дека луѓето почнуваат да го разбираат“, категорично рече академик Денков.
Премиерот посочи дека прелиминарните податоци на Министерството за финансии укажуваат дека дефицитот во буџетот за 2023 година ќе биде 2,2%. „Ова е речиси процентен поен под буџетските 3% и три пати под апокалиптичните 6 до 7% со кои јавноста беше плашена со месеци. Честитки до министерот за финансии и неговиот тим!“, рече премиерот.
Постигнатиот подобар дефицит и овозможува на Владата да одвои дополнителни 1,2 милијарди лева за општински проекти за оние кои се веќе вклучени во буџетот за 2024 година. „Тоа се средства кои секој може да ги почувствува според тоа како ќе се користат во соодветната општина“, посочи академик Денков.

