Денот на булките

/

Facebook статус на Никица Корубин

Деновиве во Велика Британија се сеќаваат на жртвите од Првата светска војна, Poppy Day, или Денот на булките, како слободен превод; Денот на сеќавањето и го одбележуваат на сите јавни настани. Сеќавањето, честа и достоинството што го покажуваат е неверојатен показател за односот кон минатото и свеста за значењето на истото. Британски воени гробишта има и кај нас, како и француски, италијански, бугарски, српски. И сите тие се сеќаваат на своите жртви во Првата светска војна.

Сите кои патуваме кон Солун и Грција, веднаш после поминувањето на граничниот премин, го гледаме споменикот и паметник за жртвите на македонскиот фронт од Првата светска војна. Со други зборови, многумина се сеќаваат на жртвите од Првата светска војна, многумина и на територијата на Македонија, освен ние самите. Кој е нашиот паметник за жртвите од Првата светска војна? Кој е нашиот споменик? Или кој е нашиот Poppy Day, нашиот празник?

Кои се нашите жртви е тешко прашање, затоа што во науката “празниот” период се нарекува hiatus. Вообичаено се мисли на период без валидни историски или било какви податоци и вообичаено се однесува на подалечни историски периоди. Но, сигурно не и за период од пред 100 и кусур години, со огромен број на пишани податоци, па дури и живи сведоштва. Ова е нашиот hiatus. И тој не е ограничен на Првата светска војна, туку се протега од “Илинден до АСНОМ” симболично кажано, а фактички цела прва половина на 20 век. Празен простор. Ништо. Молк.

Или можеби нешто, ама толку малку и толку селективно, што повеќе заличува, во научен манир, како истражување на период од пред 10.000 години, а не пред 100 години. Толку далеку, метафорички е и нашата свест и знаење, за нашата сопствена земја, која во случајот на периодот на Првата светска војна ја третираме како обична територија. Ама, не наша очигледно. Затоа што инаку, како да се објасни целосното отсуство на однос кон овој период од нашето минато. И еден кенотаф ќе завршеше работа, ако веќе немаме “дозвола” за подетален пристап.



Овој се разбира не е единствениот hiatus, во нашата историја. Ги има многу, на “територијата Македонија”. Всушност, официјалната историја повеќе наликува на еден огромен hiatus со внимателно поставени временски отсечки. Terminus post quem и terminus ante quem, најрано и најдоцна, строго ограничено и строго контролирано. Но, во овие денови на одбележување на крајот на Првата светска војна, секаде и од сите и кај нас, освен од нас самите, овој hiatus е одличен показател колку суштински ја почитуваме, познаваме и истражуваме сопствената историја. Како “општество и јавност” многу “сензибилизирани и скандализирани” во антифашистичката апологија, некако молчаливи за сите други, но и сопствени трагедии, катастрофи и страдања. И во Првата светска војна и подоцна, а и сега актуелно.

А, всушност вистинската “грижа” за минатото е видлива на секој чекор. Заборавени и оштетени споменици, обраснати и напуштени археолошки локалитети, а претходно систематски ограбени, а некои и прегазени и срушени, напуштени и запуштени христијански храмови, исламски споменици, распадната староградска и рурална архитектура, изгубена и заборавена архива, празни музеи кои ретко се посетуваат, и уште помалку книги, кои не се ни читаат. Тоа е нашиот однос како општество и држава кон идентитетот. И тоа е “нивната” грижа за истиот. И тука започнува и завршува секоја сериозна дебата за идентитетот. Се’ друго е наменска “грижа” и свесна манипулација.

Сепак, приказната за грижата за Првата светска војна, сакам да ја завршам со еден од најекслузивните пронајдоци кај нас, воопшто, но и многу пошироко. Требениште. Требениште е класична приказна од Првата светска војна. Во 1918 година, мај месец, се пронајдени првите гробови во Требениште. Денес под магистралниот пат, никој и не знае дека секој пат кога влегуваме од Скопје во Охрид, газиме по историја, газиме по идентитетот, што би се рекло. 2018 година 100 годишнината беше одбележана со заедничка изложба и издание на институциите од Северна Македонија, Србија и Бугарија, каде до ден денес се чуваат пронајдоците од Требениште.

Па, еве во деновите кога се одбележува крајот на Првата светска војна, може барем да се потсетиме на овој дел на нашата историја, кога веќе повеќето, сигурна сум, ја пропуштија спектакуларната изложба во Археолошкиот музеј, од преголема грижа за идентитетот. Не знам дали ќе смееме да се потсетиме на првите пронаоѓачи, со рестриктивноста во “ЕУ манир” на владиното ад-хок тело за “историска цензура”. А, целосно сум сигурна дека нема да можеме да се потсетиме на првото издание за Требениште. Ама, барем може да се потсетиме дека сите се сеќаваат на Првата светска војна, а и да се потсетиме дека таа се одвивала и кај нас. Ако дозволат.

Претходна статија

Колку вреди амбасадорското место?

Следна статија

Бугарските гробови во Македонија

Најново од Ваш став

(Не)промислена забрана

Fb статус на Никица Корубин “Забрана” е најспоменуваниот збор деновиве. И сите модалитети на истата. Организирано