Рамковна Босна и Херцеговина и Дејтонска Северна Македонија: Цената на злоупотребената застапеност наместо суштинската претставеност
Пишува: Ивон Величковски, политички лидер на Движење за Нова Република
Пендаровски, Ковачевски и Мицкоски се предупредени: Времето не работи за Македонија и Македонците. Спорот со Софија го дотроши скопскиот „граѓанизам“ од деведесеттите: „едно општество“ за живот на избраните и преживување или иселување на останатите, мнозинството непретставени.
Системската „авангарда“, „носителите на Партизанска споменица 1941“ родени по 1970-тите години, распоредени по партии, медиуми, академии, нво-и, претплатени на државни функции… се понеубедливо ги верглаат наследените флоскули.Бидејќи се презрени, сега претставуваат само тенок слој привилегирани, но штетата ја прават со држење на Македонците подалеку од процесите, институциите, Македонија и реалноста на XXI век.
Отуѓени од Македонците, „природно зачинети“ со Срби и Власи, тие на секои избори бараа нови гласачки контингенти. Од 2002 до 2016 кај Ромите, Турците и Бошњаците со коалиции за поединечна застапеност без суштинска претставеност или пристап до власта.Статистичката употреба на Рамковниот низ мотото „Важно да е човек“ беше мимикријата за гарантирана непретставеност на несистемските Македонци и Немакедонци низ застапеноста на „прогресивни ем бунтовни“ службењачки левичари или десничари.
Се до изборите 2020 и 2021, кога Албанците станаа неупотребливи плашила за Македонците, па „граѓанистите“ воскликнаа „Дајте квалитет, доста е етничка припадност“… и се покажаа дека под квалитет ги подразбираат само Македонците, Албанците и останатите кои се избрани од нив.Како што некои опинионисти не премолчаа дека менталитетот, а не идентитетот на Македонците е основната пречка за спроведувањето на Софискиот договор, така обидот за враќање на југо-сервилен менталитет кај Албанците што требаше да им го загрози идентитетот беше пресретнато од опинионистите Албанци.
Така скопската елита лоцирана меѓу Водно, „Круг“ и „Дебар Маало“ е прочитана и од Македонците и од Албанците откако спорот со Бугарија ја соочи со неодржливоста на Македонија каква што беше до сега, оти тој и беше употреблив додека беше магловит и „идентитетско-историски“.Но, штом се врати во правно-политички рамки меѓу државите, спорот за Софија остана меѓудржавен, а во Скопје стан(ув)а внатрешен и активен процес на соочување на Македонците со себе и елитите вградени да не водат.И ќе остане таков додека суштински не погледнеме на пописот и спроведувањето на Софискиот договор: Бројките во Скопје и бројките на издадени бугарски пасоши на македонски граѓани според нивни лични изјави (и изјави на нивни (пра)родители) за национално чувство со кои располага Софија очекувано ќе се разликуваат.
На нивната претставеност недвосмислено ќе се инсистира, па скопската полит-медиумска елита се потешко ќе толкува дека пасошите за Македонците издадени во Софија таму се бугарски, а овде „социјални“, оти тие се и европски: додека Скопје толкува бројки, Софија и Брисел ќе користат податоци.20 годишното релативизирање од полит-медиа „бардовите“ на двојните државјанства ќе држеше доколку имавме 13 наместо 130 илјади такви случаи. „Петар Петровски“ од Виница ќе беше објаснив „социјален случај“ ако на список со него не се и Орце Камчев или Љубчо Георгиевски: вториве сигурно не земале бугарски ЕУ пасош за да возат шлепер за Шведска за егзистенција за семејството.
Двојниве стандарди скапо не чинат и низ примерот на Македонците од Албанија кои се здобиваат и со бугарски пасош. Ако тоа е асимилација на Македонците во Албанија, зошто тогаш здобивањето на Македонците од Македонија со бугарски пасоши не е асимилација, туку „социјално прашање“? Двојните стандарди на македонските „бардови“ и политичари кон Македонците ни ги уриваат и кредибилноста и народот.Сличноста на македонскиот со босанско-херцеговскиот случај е битна: злоупотребата на Рамковно-статистичката доминација на Македонците над Албанците за гарантиран ексклузивитет на Белград над Скопје е еднаква со обидот за Дејтонско-статистичката доминација на Бошњаците над Хрватите за истиот ексклузивитет на Србија над БиХ.И ги легитимира барањата на хрватската заедница за избор на сопствен претставник во Претседателството без бошњачка интервенција.
Бугарските пасоши за Македонците од Македонија во босанскиот случај се хрватските пасоши за Хрватите и Бошњаците од БиХ.Всушност, ова се последиците од белградскиот граѓанизам од 1990-тите на Скопје и Сараево: самозалажувајќи се дека го бранат југословенството, Македонците и Бошњаците до денес ги одржаа Македонија и БиХ на ниво на краини на „српскиот свет“. Оттука, за Македонците и Македонија, одлагањето на примената на Софискиот договор и кочењето во евроинтеграциите не ни е во прилог. Кадровското враќање на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во 1990-тите нема да биде од корист во градењето на северномакедонските позиции, а консензусот на елитите одамна не е во согласност со Македонците.
Катарзата низ имплементацијата на Софискиот договор сепак е двојно корисна: прво, не судира нас, непретставените Македонци со системските политичари. Тие немаат проблем и 1.300.000 Македонци да земат бугарски пасош се додека институциите и процедурите, медиумите, експертите и академиката остануваат нивни. Второ, ова расчистување во македонското го обесмислува судирот меѓу северномакедонските општества. И самите досегашни (профили на) политичари – Македонци.
На сите ни е јасно иако Вила Водно, Белата Палата и „Илинденска“ молчат: ако се одлага примената на Софискиот или се дезавуира Преспанскиот договор, Франција во 2022 нема да ги деблокира северномакедонските ЕУ-интеграции, како Германија/Словенија во 2021.Радев кажа, а Брисел не негира дека се повеќе ги уважува аргументите на Софија.Ескобар при посетата на Скопје фактички потсети дека Бугарија не му е во портфолио.
Времето не ни е во прилог во однос на спорот со Софија исто како што не ни беше и во спорот со Атина. Што подолго премолчуваат, толку поскапа цена ќе платиме ние – Македонците. Спроведувањето на Софискиот и Атинскиот договор ни се фиксни во преговарачката рамка со ЕУ.

