| |

Денот на романската армија одбележан со дипломатски прием во Софија

Амбасадата на Романија во Бугарија и Канцеларијата на одбранбеното аташе организираа дипломатски прием во Софија по повод 25 октомври, Денот на романската армија, соопшти романската амбасада во Бугарија.

На приемот во седиштето на дипломатската мисија присуствуваа заменик-началникот на одбраната на Бугарија, заменик-командантот на копнените сили, претставници на бугарското Министерство за одбрана и раководството на Центарот за извонредност на НАТО за управување со кризи и одговор при катастрофи (CMDR CoE).

Меѓу гостите беа и амбасадори, членови на дипломатскиот кор, претставници на одбранбената индустрија и академската заедница, како и романски воени лица ангажирани во мултинационалните структури во Бугарија.

Во своето обраќање, романскиот амбасадор ја истакна стратешката и одбранбената улога на романската армија како столб на стабилноста на источното крило на НАТО и во Црното Море, во услови на сложени регионални и глобални безбедносни предизвици.

„Романската армија е целосно подготвена да ги брани независноста и територијалниот интегритет на земјата и активно придонесува кон сојузничките мерки на источното крило“, се наведува во соопштението.

„Трансатлантската врска и присуството на САД во Европа остануваат темел на нашата стабилност“, порачаа од Амбасадата.

На приемот беше нагласено и значењето на заедничката соработка меѓу Романија, Бугарија и Турција во борбата против морските мини, која, според соопштението, е целосно оперативна, како и на заштитата на критичната подводна инфраструктура.

Амбасадата им оддаде признание на ветераните и на романските воени лица ангажирани во земјата и во подрачјата на воени операции.

Слични Објави