Дигитални вештини: 2.400 Бугари ќе се обучуваат за работа со вештачка интелигенција
2.400 вработени Бугари ќе бидат обучени за работа со вештачка интелигенција. Проектот е финансиран со европски средства и ќе им помогне на луѓето да стекнат специфични дигитални вештини, соопштија од Министерството за труд и социјална политика на Бугарија, пренесува БНТ.
Фирмата на Евгени Петков се занимава со консултантски услуги при подготовка на европски проекти. Таа е одобрена за учество во програмата, а наскоро нејзините вработени ќе започнат со обука.
Евгени Петков, сопственик на фирма: „Имаме огромна потреба од ваква обука, а и другите фирми ќе учествуваат на слични обуки. Посветуваме особено внимание на вештачката интелигенција, која брзо навлегува во нашето секојдневие и на сите ни е потребна.“
Досега 39 фирми од Варна и регионот се одобрени од Агенцијата за вработување за обука на нивните вработени.
Јана Василева, директорка на Агенцијата за вработување – Варна: „Право да аплицираат имаат лицата што се во работен однос кај работодавачот и работат најмалку четири часа дневно. Исто така, право имаат и лицата ангажирани со договори за управување и контрола, како и самоосигурените лица.“
Секој вработен може да се обучува во повеќе од една област.
Јана Василева, директорка на Агенцијата за вработување – Варна: „Обуките се исклучително практично насочени. Меѓу пријавените теми се вештачката интелигенција, други алатки засновани на вештачка интелигенција, ERP и CRM системи, дигитален маркетинг, електронска трговија, сајбер-безбедност, автоматизација на работните процеси, специфични дигитални вештини и зелена транзиција.“
Евгени Петков и неговите вработени не се загрижени поради масовното навлегување на вештачката интелигенција. Таа ќе им помогне побрзо да ја подготвуваат документацијата за европските проекти. На тој начин, еден вработен во фирмата ќе може да работи со поголем број клиенти.
Евгени Петков, сопственик на фирма: „Попрво би рекол дека можеме да го зголемиме обемот на работа. Со користењето на вештачката интелигенција и на сите овие дигитални алатки ја зголемуваме ефикасноста. Целта е да ја зголемиме ефикасноста на секој вработен и да можеме да опслужуваме повеќе фирми.“
За спроведување на обуките низ целата земја се предвидени повеќе од три милиони евра. Работодавачите имаат право сами да ја изберат организацијата што ќе ја спроведува обуката, како и периодот во кој ќе се одржат курсевите. Поради големиот интерес за програмата, наскоро ќе биде отворен и втор повик.

