Димитар Бербатов го посети своето училиште „Кузман Шапкарев“ во Благоевград пред дебито на театарската сцена
Само еден ден пред своето актерско деби, поранешниот бугарски фудбалер Димитар Бербатов го посети училиштето „Кузман Шапкарев“ во Благоевград, во кое некогаш учел, и се сретна со ученици со кои разговараше за успехот, соништата и храброста да се прифаќаат нови предизвици, јавува БНТ.
Бербатов, кој со години беше меѓу најпрепознатливите бугарски фудбалери во светот, сега ги прави своите први чекори во театарската уметност.
Непосредно пред дебито на театарската сцена, тој избра да се врати на местото од каде што започнал неговиот сопствен пат. Средбата беше можност учениците да го видат не само како позната фудбалска ѕвезда, туку и како човек кој продолжува да прифаќа нови предизвици и да излегува од својата зона на комфор.
Актерското деби на Бербатов е најавено за утре во 19 часот во Драмскиот театар во Благоевград. Претставата „Бербатов Разкодирање“ ќе биде поставена прв пат во Благоевград, а потоа е предвидена и национална турнеја.

