ДИМИТРИЈЕВИЌ ВЛЕГУВА МЕЃУ НАЈГОЛЕМИТЕ МАЈСТОРИ ВО ИСТОРИЈАТА НА МАКБАСКЕТОТ?!
Кошаркарот на шпански Хувентуд, Ненад Димитријевиќ, на претстојната гала-свеченост во организација на Кошаркарската федерација на Македонија, која на 25 декември ќе се одржи во хотелот „Дабл Три Хилтон“, најверојатно, за првпат во кариерата, ќе го добие признанието за најдобар македонски играч во 2019 година.
Оваа вест засега е неофицијална и непотврдена, но нашите информации велат дека големиот талент добил најмногу гласови од медиумите и од обичните спортски вљубеници, кои можеа да гласаат преку интернет-страницата на КФСМ. Во конкуренција за ова признание се и браќата Војдан и Дамјан Стојановски, кои во минатото во неколку наврати го добија ова престижно признание.
Ако сето ова биде потврдено в среда, тогаш Димитријевиќ со 21 година ќе биде еден од најмладите кои го добиле епитетот кошаркар на годината, односно влегле во друштво на најголемите мајстори од калибарот на Петар Наумоски, Дејан Јовановски, Врбица Стефанов, Перо Антиќ, Владо Илиевски, Тодор Гечевски, Ѓорѓи Чековски, браќата Стојановски…, кои во минатото биле избирани за најдобри.
Тој сезонава во дресот на Хувентуд одигра десет меча во престижниот Еврокуп со просек од 11,1 поен и 3,6 асистенции, додека во АЦБ-лигата на 13 натпревар просечно реализираше 7,8 поени со 3,2 асистенции. Младиот кошаркар беше одличен и на почетокот од годинава во вториот дел од минатата сезона, кога се наметна како еден од носителите на играта на шпанскиот прволигаш со славно минато и со една титула европски шампион (1994 година).
Димитријевиќ дебитира во сениорската репрезентација во претквалификациите за ЕП 2021, а се очекува да биде лидер на селекцијата која предводена од новиот селектор, Александар Тодоров, ќе настапува во квалификациите за следниот континентален собир.
Извор: Спорт1