ДИМИТРОВ: НЕ СЕ ОТКАЖУВАМЕ НИ ОД МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕT, НИ ОД ЕВРОПСКАТА ИДНИНА

Прашањето на јазикот и идентитетот е резултат на еден историски процес и ние не можеме за тоа ниту да разговараме ниту да преговараме. Напорите уште продолжуваат. Меѓутоа ние немаме намера да дигнеме раце и да се откажеме од нашата европска иднина, ниту пак имаме намера да го допреме, или да дозволиме да биде допрен македонскиот идентитет. Тие две работи се комплементарни и ќе продолжиме да работиме на тој пат, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во интервју за Н1 за блокадата на Бугарија за почеток на преговорите со ЕУ, пренесува Независен.

loading...

– Прашањето на јазикот и на идентитетот е во срцето на внатрешните работи, на суверенитетот на една држава бидејќи е израз на правото на самоопределување, и во таа смисла, ниту еден сосед, ниту една држава има било каква правна основа во меѓународното право, па и во европското право, нам, на Македонците да ни кажува нешто околу македонскиот јазик. Тоа е наша работа. Многу е тешко за нашите граѓани да разберат, па и за мене искрено кажано, како може македонскиот јазик да е пречка за почеток на пристапни преговори за интеграција со една унија каде што јазичната различност е една од фундаменталните, една од темелните вредности. Исто така е тешко да разбереме како може македонскиот јазик да е пречка за добрососедски односи, кои што за да бидат вистина добрососедски, мора да почиваат на меѓусебна почит. Ако јас вам ви кажам каков мајчин јазик зборувате или не зборувате тоа значи дека не ве почитувам. Во таа смисла се соочуваме со еден сериозен предизвик, вели вицепремиерот Димитров.

Ние, појаснува тој, имаме комисија за историски прашања што ја формиравме врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со соседна Бугарија, и идејата беше историјата нека ја разговараат историчарите, а политиката да работи на денес и на подобро утре.

-Ние на Балканот имаме многу богата историја, меѓутоа како што често вели еден мој пријател: „убаво би било таа историја да биде учител, а не затвор“. И во таа смисла овие билатерални прашања се важни, работата на комисијата за историја е важна, ние во овие денови работиме, имаме отворено билатерални канали за да најдеме излез од ова прашање, меѓутоа решението не може да влијае врз нашето право на самоопределување. Македонскиот идентитет е резултат на еден историски процес и едноставно ние како политика не можеме за тоа ниту да разговараме ниту да преговараме. Истовремено мислам дека ова е една лоша порака за целиот регион. Ние добивме чисто зелено светло во март. Во оперативниот параграф на одлуката за почеток на пристапни преговори од Европскиот совет, нема услови за нашата Македонија, за Северна Македонија, и во оваа смисла, многу лошо е бидејќи на некој начин невозможноста да се постигне консензус испраќа порака дека кредибилитетот на Европската Унија не е таков каков што би сакале да биде, вели Димитров.

Тој потсетува дека ЕУ за овие прашања одлучува со консензус, како што спомна германскиот министер за европски прашања кој го води телото за општи работи (ГАК) Михаел Рот, сите држави освен една (Бугарија) – го поддржаа почетокот на пристапните преговори и првата меѓувладина конференција во декември,


loading...

-Напорите уште продолжуваат. Меѓутоа ние немаме намера да дигнеме раце и да се откажеме од нашата европска иднина, ниту пак имаме намера да го допреме, или да дозволиме да биде допрен македонскиот идентитет. Тие две работи се комплементарни и ќе продолжиме да работиме на тој пат. Ние изгубивме генерации чекајќи околу проблемот со Грција, потоа имавме две години со француската иницијатива да направи нова методологија на процесот на проширување, на пристапниот процес, и сега го имаме овој предизвик. Ќе биде лошо ако целата енергија ја посветиме на чекање. Мислам дека би сакале се разбира да успееме, меѓутоа ако не успееме ќе ја искористиме добрата волја во многу европски главни градови, ќе ги повикаме земјите членки да ни помогнат и ќе направиме една реформска агенда за да бидеме во добра кондиција тогаш кога ќе се променат околностите кон подобро. Немаме многу време, мислам дека немаме многу време не само кај нас, туку во целиот регион. Единствено решение младите луѓе да не ни одат во европски држави е нашите држави да ги направиме европски и мораме на тоа да работиме забрзано, немаме многу време, на некој начин сме во трка со времето во оваа смисла, вели вицепремиерот за европски прашања.

За тоа кој е следниот чекор за С Македонија, Димитров посочува дека се работи и со Софија на билатерално ниво и со ЕК и со германското претседателство, како и со земјите членки за изнаоѓање на решение.

Целиот напис прочитајте го овде.