Дипломатскиот институт на Бугарија одбележува 23 години од основањето: Од обука на дипломати до широка меѓународна соработка
Дипломатскиот институт при Министерството за надворешни работи на Бугарија денес одбележува 23 години од своето основање. Институтот е формиран на 23 септември 2003 година со одлука на бугарскиот Совет на министри како прва самостојна дипломатска школа во историјата на земјата.
Основната задача на Институтот при неговото формирање била да организира и спроведува обуки за унапредување на професионалните квалификации на вработените во Министерството за надворешни работи, како и на службениците во државната администрација чија работа е поврзана со дипломатската служба и спроведувањето на бугарската надворешна политика.
Од Институтот посочуваат дека во изминатите 23 години значително се прошириле неговите надлежности и обемот на активностите. Меѓу главните цели денес се промовирањето на бугарската надворешна политика и поттикнувањето јавна дебата за актуелните прашања од меѓународните односи.
Овие активности се реализираат преку конференции, експертски форуми и средби, како и преку дигитална дипломатија на интернет и на социјалните мрежи.
Институтот развива и издавачка и истражувачка дејност, преку која обезбедува платформа за анализи на бугарски и странски експерти. Меѓу неговите периодични изданија се списанието „Дипломатија“ и едициите „Надворешнополитички истражувања“, „Енергетска и климатска дипломатија“ и „Живи архиви“.
Посебно внимание се посветува и на програмите за млади, меѓу кои практикантската програма и иницијативата „Отворени врати“, чија цел е привлекување млади стручњаци за професионален развој во бугарската дипломатска служба.
Во текот на своето работење Институтот воспоставил мрежа на соработка со европски и светски дипломатски школи и институти, меѓународни организации, универзитети, истражувачки центри и невладини организации од областа на меѓународните односи.
Институтот располага и со специјализирана дипломатска библиотека со вредни изданија поврзани со речиси 150-годишната историја на бугарската дипломатија.
„Денес, 23 години подоцна, горди сме на постигнатото, но и не престануваме силно да веруваме во максимата што стана наше мото – DOCENDO DISCIMUS (‘Учејќи ги другите, учиме и самите ние’)“, наведуваат од Дипломатскиот институт.
Оттаму им се заблагодарија на колегите, пријателите и партнерите за поддршката, изразувајќи уверување дека и во иднина ќе следуваат нови заеднички успеси.
