Бугарската претседателка Јотова го запозна високиот комесар на ОН за човекови права со случајот на Ива Михајлова
Претседателката на Република Бугарија, Илијана Јотова, го запозна високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Тирк, со, како што посочи, прекршувањето на правата на Бугарите во Република Северна Македонија. Таа истакна дека во земјата продолжува да се врши системски институционален притисок и дискриминаторски однос врз основа на етничкото потекло, јавува БНТ.
„За нас е недозволиво во XXI век луѓе да бидат отпуштани од работа или да не им се дозволува запишување на универзитет поради нивното потекло, како и да бидат претепувани поради нивното бугарско потекло. Во Северна Македонија ќе стапи во сила и закон со ретроактивно дејство, кој ќе го наруши нивното право на здружување“, изјави претседателката.
Илијана Јотова го запозна Фолкер Тирк и со случајот на Ива Михајлова – 23-годишна жена со двојно државјанство, на Северна Македонија и на Бугарија, на која не ѝ е дозволено да патува на лекување во Бугарија, бидејќи против неа се води судска постапка во Кочани.
Претседателката изјави дека Бугарија му предложила на Скопје или Ива да биде лекувана во Бугарија, или медицински тим од Бугарија да биде испратен за консултација, но Северна Македонија не се согласила.
Минатата недела Илијана Јотова го претстави случајот на Ива Михајлова пред генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе.
Претседателката Јотова му честиташе на Фолкер Тирк за неговата активна работа во заштитата на човековите права.
„Човековите права не се нешто што се подразбира само по себе и за нив мора постојано да се бориме, особено во контекст на конфликтите од последните години. За жал, се откажуваме од веќе усвоени документи за нивна заштита“, истакна претседателката.
Таа го отвори и прашањето за заштитата на човековите права во ерата на вештачката интелигенција, нагласувајќи дека паралелно со развојот на технологиите треба да се развиваат и соодветни политики.
Илијана Јотова истакна дека Бугарија е пример за добар модел на меѓуетнички односи во Европа.
