ДОЈРАН ЌЕ СЕ НАПОЛНИ ЗА ДУХОВДЕНСКИОТ ПРОДОЛЖЕН ВИКЕНД
Дојранчани очекуваат во текот на денот, особено со зголемен интензитет во попладневните часови, викендиците да се наполнат за продолжениот духовденски викенд односно да пристигнат од три до пет илјади гости, меѓу кои најголем број веројатно од високо ризичните места во земјава што сигурно не ги прави рамнодушни локалните жители, изјави за МИА градоначалникот Анго Ангов.
– Околу 80 отсто од викендиците во Дојран сигурно ќе имаат гости за продолжениот викенд до кои упатуваме апел доследно да ги почитуваат протоколите и мерките за заштита од ширење на корна вирусот,како и препораките да седат во дворовите со запазување на социјална дистанца, рече Ангов кој истовремено раководи и со општинскиот кризен штаб.
Тој нагласи дека миграцијата од место во место е голема опасност за ширење на корона вирусот поради што очекува поголемо чувство на одговорност од страна на викендашите за своето и здравјето на другите.
– Апелирам до нив, особено во актуелната состојба кога бројките покажуваат повторно зголемување на заразата,за време на престојот во Дојран доследно да ги почитуваат мерките против инфекција од Ковид-19 затоа што од полицијата ќе бараме зголемено патролирање по улиците и казнување на недисциплинираните гости,рече градоначалникот Анго Ангов.